Трговски договор меѓу ЕУ и САД: Лош компромис за Брисел?
29 јули 2025Многу влади и компании воздивнаа со олеснување кога по речиси четири месеци несогласување конечно беше потпишан трговскиот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Договорот предвидува царина од 15 проценти за поголемиот дел од увозот од ЕУ во Соединетите Американски Држави. Царините за некои сектори сè уште не се финализирани. ЕУ, исто така, обезбедува 514 милијарди евра за инвестиции во Соединетите Американски Држави - нејзиниот најголем трговски партнер.
Новата основна царина од 15 проценти е пониска од стапката од 25 проценти воведена за европските производители на автомобили во април. Исто така, таа е само половина од 30-те проценти со кои се закани американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, во споредба со основната царина од 2,5 проценти што беше во сила за време на првиот мандат на Трамп, таа претставува огромно зголемување.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, сепак, смета дека се работи за „добар договор“. Таа рече дека договорената царина ќе ја врати „стабилноста“ и „предвидливоста“ во трансатлантската трговија. Фон дер Лајен, исто така, призна дека „15 проценти не треба да се потценуваат, но тоа е најдоброто што можевме да го постигнеме“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се приклучи на ваквото мислење, велејќи дека договорот е средство за „зачувување на нашите основни интереси“ и спречување на „непотребно ескалирање на трансатлантските трговски односи“. Мерц, сепак, изрази и разочарување од исходот, наведувајќи: „Посакувам натамошни олеснувања“.
Трговски биланс ЕУ-САД
Брисел соочен со остри критики
Додека креаторите на политиките на ЕУ тврдат дека го убедиле Трамп да ги намали царините, многу европски политичари и бизнис лидери го критикуваат новиот договор како штетен за 27-те земји-членки. ЕУ првично имаше за цел царина од 10 проценти.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Фејсбук коментираше: „Трамп ја изеде Урсула фон дер Лајен за појадок“. Договорот е „полош“ од оној што Обединетото Кралство го склучи во мај, се пожали Орбан. Поголемиот дел од британскиот извоз останува предмет на американска царина од 10 проценти.
Францускиот премиер Франсоа Бајру договорот го нарече „мрачен ден“ и се пожали дека ЕУ, „алијанса на слободни народи, обединети да ги потврдат своите заеднички вредности и да ги бранат своите заеднички интереси, се потчинува“.
Поранешниот политичар на ЕУ, Ги Верхофстат, дури го опиша договорот како „скандалозен“ и „катастрофа“. Во коментарите на платформата „X“, тој се пожали дека Американците не направиле ниту една отстапка и ја критикуваше ЕУ за лошо преговарање.
Германскиот европратеник Бернд Ланге, претседател на Комисијата за трговија на Европскиот парламент, на платформата X напиша дека договорот е „едностран“ и дека Брисел направил отстапки што „тешко се прифаќаат“.
Дали има позитивни аспекти за ЕУ во царинскиот договор со САД?
Со договорот, ЕУ избегна целосна трговска војна што значително ќе ја нарушеше довербата во бизнисот и расположението на потрошувачите од двете страни на Атлантикот.
Во очекување на повисоки американски царини, Брисел веќе подготви одмазднички мерки во вкупен износ од 72 милијарди евра за американскиот увоз, вклучувајќи давачки за авиони и автомобили. Според медиумски извештаи, другите опции вклучуваа извозни ограничувања на одредени челични и хемиски производи и можни мерки против американските компании за услуги - особено во технолошкиот и финансискиот сектор. Тука, САД постигнаа трговски суфицит од 109 милијарди евра во однос на ЕУ.
И иако договорот е далеку од идеален, економското влијание потенцијално би можело да биде релативно мало. Повикувајќи се на податоци од Килскиот институт за светска економија (ИфВ), германскиот весник „Ханделсблат“ во понеделникот (28.07) објави дека царините веројатно ќе резултираат со пад од само 0,1 процент на брутодомашниот производ (БДП) на ЕУ.
Ова е значително помалку од проценката на инвестициската банка Голдман Сакс од минатата година, според која американските царини од само 10 проценти би можеле да доведат до пад на европскиот БДП до 1 процент.
Некои сектори веројатно дури и ќе профитираат. „Блумберг интелиџенс“ предвидува зголемување на профитот од четири милијарди евра за европскиот автомобилски сектор, бидејќи царинската стапка за возила и делови за возила од ЕУ сега наместо 27,5 проценти е само 15 проценти .
Сепак, германските компании се подготвуваат за значителни трошоци: „Ханделсблат“ проценува дека новите давачки ќе значат дополнителни оптоварувања од околу 6,5 милијарди евра за нив.
Можеше ли Брисел подобро да преговара со САД?
Иако ЕУ избегна трговска војна, таа е критикувана затоа што не успеа да изнуди какви било вистински отстапки од Вашингтон. Аналитичарите велат дека Брисел пропушти важна можност да постигне намалување на царините за европскиот извоз со висока вредност - вклучувајќи вино, жестоки пијалоци и луксузни стоки.
На пример, пазарни ограничувања за американските технолошки гиганти и финансиски институции можеа да извршат притисок врз Трамп да ги намали царините за автомобили и фармацевтски производи. Исто така, се вели дека раното омекнување на одмаздничките царини на ЕУ ја ослабело преговарачката позиција на Унијата.
Освен тоа, се забележува дека креаторите на политиките на ЕУ не успеале да ја земат во фокус внатрешната политика на САД и, на пример, конкретно да го ограничат извозот од упориштата на републиканците или да ги охрабрат американските компании да лобираат во администрацијата на Трамп (против високите царини за увоз, н.з.). Несогласувањата меѓу земјите-членки на ЕУ, особено од страна на Унгарија, дополнително ја ослабнаа позицијата на Брисел. Се оценува дека непредвидливите тактики на Трамп и агресивните закани за царини ги држеа преговарачите на ЕУ во дефанзива во текот на разговорите.
Што е следно?
Договорот за царините е повеќе прелиминарна рамка отколку сеопфатен договор. Во наредните месеци, преговарачите од Брисел и Вашингтон ќе изработат детален текст и ќе одредат датум за стапување во сила на царината од 15 проценти.
Сепак, со оглед на вообичаената практика на Трамп да поставува барања во последен момент, како што неодамна се виде во трговските разговори меѓу САД и Јапонија, ЕУ треба да е подготвена на можни промени.
Потоа договорот мора да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ и разгледан од Европскиот парламент - процес кој веројатно ќе трае неколку недели.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик