Трета посета на Мицкоски на САД: за што се разговара?
20 февруари 2025„Имаме идеја, имаме план, Македонија има пријатели! - ова е единствената порака којашто ја испрати премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи при неговата последна посета на САД, кадешто информираше дека имал средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот.
„Разговаравме за состојбата во државата, европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план“, вели Мицкоски.
Трета посета на САД
Ова е трета посета на македонскиот премиер на САД за многу кусо време. Првото патување во САД беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а во јануари годинава присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп. Сега повторно е во неколкудневна посета на Вашингтон каде ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.
Владината портпаролка Марија Митева деновиве на новинарско прашање рече дека Мицкоски е поканет во САД како претседател на Владата. Тој за време на посетата на Вашингтон се очекува да има и билатерални средби, за што Митева најави дека ќе биде информирана јавноста.
Како дел од говорниците на оваа конференција се најавени и претставникот за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп - Ричард Гренел, поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп - Стив Бенон и други. Како дел од многубројните говорници се најавуваат и актуелниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, поранешната премиерка на Велика Британија Лиз Трас, британскиот радикал Најџел Фараж, потоа поранешниот премиер на Полска Матеуш Моравјецки и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Марин Ле Пен. Мицкоски преку пост на Фејсбук најави дека и тој ќе биде меѓу говорниците на големиот собир на конзервативците, иако на официјалната страница такво нешто, досега, не е најавено.
Што се разговара зад затворени врати?
Во недостиг на подетални информации за средбите, се наметнува дилемата со кого ќе има средби премиерот и што ќе се разговара зад затворени врати. Очекувањата се дека Мицкоски, како и при минатата посета на САД, меѓу другото ќе побара поддршка од стратешкиот партнер за интеграцискиот процес на земјата.
Американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер, во средата (19.02) порача дека САД не даваат гаранции за патот кон ЕУ затоа што не се членка на Европската Унија, но таа е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.
„Воодушевена сум што премиерот и членови на неговиот кабинет се во Вашингтон. Станува збор за важни односи и мислам дека тоа што досега престојуваше таму неколкупати откако ја презеде премиерската функција, како и други министри, само зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние како САД и Северна Македонија можеме билатерално да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување“, изјави Агелер на свеченото примопредавање на мобилно оперативно возило, донација од САД за македонскиот Црвен крст.
Како да се влезе во оптиката на Трамп?
Македонската Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, отворено ја искажува својата поддршка и наклонетост кон новата администрација на Трамп. Контактите кои започнаа уште минатата година, сега се прават обиди да се продлабочат по промената на власта во САД.
Додека опозициската СДСМ во повеќе наврати критикуваше дека патувањата на премиерот во САД не носат ништо добро ниту за граѓаните, ниту за државата, Владата тврдеше дека станува збор за „историски успех“.
„Создаваме навистина силни врски, пријателства кои што верувајте се многу значајни за иднината на државата“, изјави Мицкоски во неговото гостување во емисијата „360 степени”, по враќањето од инаугурацијата на Трамп. Оваа посета на Вашингтон ја оцени како историска, зашто вели дека земјата „влегла во оптиката на новата администрација во Вашингтон“.
Видливи и невидливи средби
И тогаш Мицкоски имаше и„видливи“ и „невидливи“ средби за коишто немаше доволно информации во јавноста. „Секој оној кој ќе се бори и избори за внимание на оптиката на администрацијата на Трамп ќе влезе во таа оптика. Ние сакаме да се избориме и затоа отидовме. Нема втора шанса за прв впечаток. Направивме историски средби и историска посета“, изјави македонскиот премиер на 24 јануари.
Мицкоски не пропушта шанса да ги афирмираконекциите со Ричард Гренел, којшто се смета за важна личност во опкружувањето на Доналд Трамп, а со кој веќе неколкупати објави фотографии по остварените средби.
Тој исто така се надева и на соработка со Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald), кој го предводи транзицискиот тим за Белата Куќа и за кој премиерот рече дека стоел рамо до рамо со семејството на Трамп на прес-конференцијата по неговата победа.
Според шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. По враќањето од САД во јануари годинава тој рече дека со новата администрација на САД може да се направи позитивно поместување, земајќи ја предвид, „блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник“.
Лутник во текот на летото 2024 година престојуваше во Северна Македонија како бизнисмен и потенцијален инвеститор, заедно со Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, и актуелен извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.
Додека премиерот е во неколкудневна посета на САД, компанијата на канадско-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, веќе отвори подружница во Македонија. Станува збор за „Рамбл клауд“, којашто е регистрирана на адреса во центарот на Скопје. Павловски важи за човек близок до актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп. Неговата видео-платформа Рамбл постои од 2013 година, но популарност доби во последниве години, рекламирајќи се како виртуелен простор имун на кансел културата и на цензура.