ССМ и газдите ќе ги вкрстат копјата за минималната плата
6 март 2025Владата ја префрли топката за растот на минималната плата кај работодавачите. Тие во наредниот период ќе треба да најдат заеднички јазик со синдикатите, коишто покрај редовното усогласување на минималната плата, бараат и дополнителни 6.000 денари, со коишто минималната плата би достигнала до 30 илјади денари. Тие, на состанок на Економско-социјалниот совет во текот на март ќе треба да ги стават своите аргументи на маса.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во пресрет на одлуката за раст на минималната плата, до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излегоа со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска во четвртокот (06.03) го повтори ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека за минимална плата од 500 евра треба да се договорат работниците и работодавачите.
„Во однос на минималната плата, не знам зошто воопшто има такви коментари дека сме биле во судир со синдикатите. Јас бев многу јасна и кажав - ќе се договорат работодавачите и работниците. За нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Тие имаат дијалог меѓусебе. Што ќе прифатат таму, ние сме должни тоа да го обезбедиме. Што ќе договорат, јас како министер за финансии ќе го почитувам“, порача министерката.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно го изнесе својот став дека Владата ќе прифати доколку работниците и работодавачите се договорат за 30 илјади денари минимална плата, но со целосно подмирени трошоци од работодавачите. Предлогот државата да ги субвенционира дополнителните придонеси за него е неприфатлив, бидејќи вели дека во буџетот нема нема предвидени средства за тоа. Доколку се исплатат субвенции, Мицкоски смета дека на тој начин ќе се исцрпи буџетот, со што ќе нема средства за улици, градинки, училишта, канализации...
Кои се аргументите на синдикатите?
Барањата на синдикатите се темелат на зголемените трошоци за живот, за што доказ е синдикалната минималната кошница која само за една година е поскапена за 100 евра. Тие бараат од Владата и пратениците да ги поддржат нивните предлози. Ако нема договор, можен е и генерален штрајк.
„Ние работниците се бориме за корка леб, тие политичарите за гола политика. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба“, порача првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, кој деновиве се најде на удар на критики и обид да му се залепи партиска етикета.
Минималната плата сега изнесува 22.567 денари. Таа треба да се усогласи во март и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците, имајќи ги предвид трошоците на живот.
„Созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците“, изјави на прес-конференција на 3 март претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Тој посочи дека во регионот платите започнуваат од 450 до 800 евра.
Кои се противаргументите на работодавачите?
„Нашиот став е - ништо повеќе од законското усогласување на минималната плата, затоа што и на тој начин ќе бидеме со највисок однос на минималната во однос на просечната плата во ЕУ, кој е некаде околу 59 проценти. Европската директива им препорачува на земјите-членки тој однос да се движи околу 50 проценти, а ние дури во законот имаме уште една одредба, по инсистирање на синдикатот, дека не може да биде понизок од 57%. Сега сме над таа граница“, вели за ДВ, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, кој е претседател на одборот на директори на АД „МОДА“ Свети Николе.
Според него, дополнителното „енормно“ зголемување што го предлагаат од ССМ за минимална плата од 30 илјади денари, ќе го зголеми односот меѓу минималецот и просечната плата на 72%. „Тоа значи дека една третина од луѓето ќе треба да земаат минимална плата, што е нонсенс“, вели тој.
Додека работодавачите се на став дека не е само доволно да се има желба за поголема плата, туку дека мора да постои разлика во примањата на работниците во зависност од нивниот учинок, квалификации и стручност, од ССМ порачаа дека „нема способни и неспособни работници, ниту пак непродуктивни и продуктивни, туку само добро или лошо платени“.
„Синдикатот успеа со неговите инсистирања да создаде впечаток во јавноста дека минималната плата е нормална плата - што не е точно. Ние се залагаме за повисоки плати за работниците, коишто имаат поголем учинок во производствениот процес. Работниците коишто работат на машина не земаат минимална плата, и не треба да земаат. Еве на пример во текстилната индустрија просечната плата е околу 36 илјади денари“, вели Димитров.
Работодавачите стравуваат дека зголемувањето на минималната плата ќе повлече раст и на другите плати. Но, дел од нив велат дека не ќе можат да го поднесат тој товар, со оглед на тоа дека економските проблеми во Европа се пресликуваат и во работењето на македонските компании. „Како ќе ги мотивирам јас добрите работници, кога не можам да издржам ниту со овие плати. Неконкурентен сум, партнерите бегаат во Бангладеш, каде што имаат поевтини услови за работење“, вели Димитров.
Тој е дециден дека целта на минималната плата е да ги заштити оние со најмали примања. „Таа не е економска категорија којашто ја развива државата и оди напред. Минималната плата нема таква цел. Таа е еден вид егзистенцијален минимум. Со законското усогласување ќе ја задржиме минималната плата на едно достојно ниво, во однос на просечната плата“, додава Димитров.
„Луксуз на грб на народот“
Опозицијата ги поддржува напорите на синдикатите зазголемување на минималната плата. Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на прес-конференција порача дека доколку власта не обезбеди пари за зголемување на платите на работниците, нивната пратеничка група ќе поднесе Закон за зголемување на минималната плата.
Од СДСМ велат дека „Владата на Христијан Мицкоски се луксузира на грбот на народот, изнајмува приватни авиони, нарачува егзотични овошја, додека за работниците, кои едвај врзуваат крај со крај, власта вели дека нема пари“.
„Мицкоски ги понижува работниците. За владата има луксузни овошја, луксузни патувања, луксузни возила додека работниците не можат леб, јајца, млеко и месо да обезбедат за своите семејства преку цел месец.Не може да има пари за авиони, папаја и манго за владата, а да нема пари за поголеми плати за работниците.Животниот стандард на граѓаните опаѓа, цените се покачени, за да се покрие основната синдикална кошничка се потребни веќе 3 минимални платиНајмалку што заслужуваат работниците е фер минимална плата од 500 евра за достоинствен живот“, велат од партијата.
„Луксузот ваш е од трудот наш“, порачаа и од Сојузот на синдикатите, откако Владата се дистанцираше од решавање на проблемот со минималната плата.