Кој ќе го земе профитот од паркингот на Клинички центар?
7 март 2025Паркингот на Клинички центар во Скопје би можел да стане „златна кокошка“ за компанија од Албанија, којашто е заинтересирана да стопанисува со него во наредните 20 години. Веста којашто ја објави „Призма“ деновиве предизвика низа реакции и наметна бројни прашања во јавноста зошто паркингот се дава на стопанисување на странска компанија. Партијата Левица реагираше дека е скандалозно што Северна Македонија нема 10 милиони евра да инвестира во паркинг на Клинички центар, со што му се дава можност на министерот за здравство Арбен Таравари „да го го приватизира јавниот паркинг“ лобирајќи за странска компанија.
Таравари: Ако има пропусти тендерот ќе се поништи
Министерот за здравство, Арбен Таравари вели дека договорот со компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија уште не е финиширан, но доколку бидат утврдени пропусти тој е подготвен да го поништи тендерот.
И премиерот Христијан Мицкоски излезе со став дека Владата нема донесено одлука со паркингот на Клинички центар да стопанисува градежната компанија „Ѓока констракшн“ од Албанија.
„Ако барате начин да ја напаѓате Владата за нешто што не се случило тогаш може и да измислуваме работи, но јас ви кажувам дека таква одлука нема донесено Владата“, порача тој, одговарајќи на новинарски прашања. Мицкоски додава дека при изборот ќе се земе предвид тендерската документација. „Компанија која нема бонитет, кредибилитет и технички карактеристики нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“, дециден е премиерот.
Најавите се дека Компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство би можела да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На огласот, кој беше распишан на 15 ноември, се јавила само „Ѓока констракшн“. Компанијата е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје. Во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Рокот за изградба на монтажните катни гаражи, доколку биде потпишан договорот, според Таравари, е шест месеци до една година.
Договорот треба да помине низ повеќе филтри
Таравари вели дека договорот со компанијата „Ѓока констракшн“ ќе биде потпишан доколку по првичната помината процедура помине уште неколку филтри. Паркингот со новиот договор би поскапел од 30 на 50 денари на час, со оглед на понудената цена за паркирање. Според министерот, цената е пристојна.
„Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година“, вели Таравари.
Договор на 20 години
Според министерот, рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата.„Во меѓувреме имаме одука дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Сметам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од седум до 10 години. Затоа интересот на компаниите беше многу мал, да беше 20 сигурно ќе се јавеа“, вели министерот.
Имајќи предвид како се движат цените за паркинг, посочи Таравари, мислам дека понудената цена не е лоша. Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо би било идеално.
„Приватизирање на јавен паркинг“
Но, според партијата Левица, министерот за здравство де факто го приватизира јавниот паркинг лобирајќи албанска компанија да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје преку јавно-приватно партнерство во траење од 20 години.
„Со ова, Таравари стана епитет на политичка корупција, кој одработува за контроверзна фирма од странство“, реагираат од Левица. Според нив, со ваквиот „енормно штетен договор со фирмата ‘Ѓока Констракшн’, целиот приход ќе оди за компанијата, додека за државата ќе остане само 1 отсто“.
Левица посочува дека компанијата е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција. „Градежната компанија ‘Ѓока Констракшн’ била инволвирана во скандал поврзан со изградба на тунели, кои се урнале поради работа со неквалитетни материјали. Дополнително, оваа албанска компанија се спомнува и дека била дел од лобирање кај политичари од Албанија“, се наведува во реакцијата на Левица.
Тие го прашуваат министерот Таравари: колку провизија добил од контроверзната албанска компанија за пациентите да плаќаат повисоки цени за паркинг.