Транспарентност: посебни таблички за државните возила
30 јули 2025Сите државни институции да ги променат регистарските таблички на службените возила со нови таблички во боја, најдоцна до 15-ти септември 2025 година, одлучи Владата на вчерашната 97-ма седница.
„Оваа одлука е во насока на уште едно реализирано ветување пред граѓаните со цел поголема отчетност, транспарентност и ставање крај на злоупотребите кои со биле пракса во минатото“, соопшти владината прес-служба.
Одлуката не е изненадувачка. Патот до неа почна да се трасира уште лани на седницата одржана на 17-ти септември, кога на предлог на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, Владата донесе заклучок да се формира работна група со претставници од СОЗР, од Канцеларијата на премиерот, Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, МВР, Министерството за финансии, Министерството за енергетика и од Генералниот секретаријат на Владата. Целта беше подготовка на изменувања и дополнувања на Законот за возила и Законот за користење и располагање со стварите во државна и во општинска сопственост, со кои ќе се предвиди постоење на еден регистар на сите патнички моторни возила во државна и општинска сопственост кои би добиле специјални регистарски таблички во боја. Се смета дека со тие специјални таблички ќе бидат опфатени околу 6.500 возила во земјата.
Случаите на злоупотреба на службени државни или општински возила за партиски или за приватни цели во Македонија досега честопати беа предмет на критики во јавноста, особено кога такви случаи беа регистрирани во изборни периоди. Со оглед дека новите таблички (најавени како црвено-жолти) треба да бидат во функција од 15-ти септември, тоа значи дека на претстојните локални избори во октомври граѓаните лесно ќе може да воочат дали државни или општински возила се користат за изборни цели.
Не ја исполнуваа законската обврска
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на нејзината веб-страница објавува Регистар на службени моторни возила на јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, токму со цел да се знае на која институција припаѓа одредено возило и да ја вклучи јавноста во процес за спречување на нивна злоупотреба. А согласно со Изборниот законик, наведените правни лица се должни во рок од десет дена од денот на донесување на одлуката за распишување избори, до ДКСК да достават податоци за бројот, видот, регистарската табличка и возната состојба на возилата со кои располагаат.
Кога лани ДКСК го објави Прегледот на институции кои немаат доставено податоци за службени возила (согласно со член 8-б од Изборниот законик), состојбата беше разочарувачка: од вкупно 1.558 институции, дури 1.066 државни или општински институции не ја исполниле законската обврска - ниту доставиле податоци за возилата со кои располагаат, ниту пак информација дека не располагаат со службени возила.
Член 8-б од Изборниот законик предвидува дека „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“.
Според законските одредби, доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.
Тогашната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, (која пред пет дена поднесе оставка) рече дека е алармантно што повеќе од 75 отсто од институциите воопшто не доставиле податоци во законскиот рок, бидејќи тоа отвора простор за злоупотреба и отвора сомнеж за постоење на ризик од корупција. Иако ДКСК има право да покрене прекршочна постапка, таа се пожали дека нејзиното спроведување е оневозможено, бидејќи во законот постои правна празнина - нема санкција за тие што не ја испочитувале таа законска обврска.
Возилата си врват
Сомнежи за злоупотреба има и во изборен, и во неизборен период. Пред десетина дена „360 степени“ објави дека затекнале две непрописно паркирани државни возила околу 23 часот во близина на партиски штаб. За нив од СОЗР добила потврда дека се работи за службени возила на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и на вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи. Неколку дена подоцна од Министерството за животна средина и просторно планирање одговорија дека заменик-претседателите на Владата во тој период учествувале на координативен состанок за владини политики, со посебен фокус на тековните општински проекти.
Пред два дена медиумите пред судот го затекнаа со службено возило министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, кој поради изречените мерки за претпазливост во случајот „Кочани“ има обврска еднаш неделно да се јавува во судот.
„Јас сум на работа, од каде знаете за што доаѓам во судот?“, им одговори тој на новинарите на РСЕ.
Минатата година тогашната вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, упати јавен апел да не се злоупотребуваат државни ресурси во партиски цели во текот на изборната кампања. На избраните и именуваните лица им порача дека треба да се придржуваат до етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности. Многу брзо по нејзиниот апел медиуми го „уловија“ вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ како го користи службено возило управувано од неговиот возач за да даде потпис за кандидатурата на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. Претходно имаше две опомени за вицепремиерот Артан Груби поради негово користење службени возила за партиски цели. Според Грковска, кај сите функционери кои претходно биле опоменати поради злоупотреба на службено возило имало позитивен ефект, освен во случајот со Груби.