ТИ: Корупцијата ја „убива“ демократијата и климата
11 февруари 2025Рекордни топлотни бранови, поплави, шумски пожари - додека порастот на екстремните временски неприлики го доведуваат во опасност исполнувањето на климатските цели, еден клучен фактор често останува незабележан. Тоа е корупцијата. Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) на Транспаренси Интернешнл (ТИ) за 2024 година открива дека во многу земји, поткупот и злоупотребата на моќ или позиција масовно ги попречуваат напорите за заштита на климата. Во контекст на рекордното глобално затоплување, поткопувањето на демократијата и намалувањето на глобалните напори за заштита на климата, светот се наоѓа себеси „со грб до ѕид“, според истражувањето на Транспаренси.
Кризата околу корупцијата го блокира решавањето на климатската криза
„Мораме итно да се справиме со корупцијата во нејзиниот корен пред таа да ја поткопа значајната климатска акција“, пишува директорката на Транспаренси Интернешнл, Мајра Мартини, во извештајот за ИПК. Таа ги повикува владите и мултилатералните организации да ја направат борбата против корупцијата дел од нивните климатски стратегии.
„Денес, корумпираните сили не само што ги одредуваат работите во политиката, тие често ја диктираат политиката, укинувајќи ја контролата, замолчувајќи ги новинарите, активистите и сите оние кои се залагаат за еднаквост и одржливост“, вели Мартини. Потребно е директно соочување со овие закани и обид за нивно решавање, додаде таа. „На ранливите луѓе ширум светот итно им се потребни овие мерки“.
Како корупцијата масовно ја блокира заштитата на климата? Ова е илустрирано во извештајот со неколку конкретни примери.
САД: таму, како што се наведува во извештајот, еден енергетски концерн очигледно платил 60 милиони американски долари во шема за поткуп со цел да влијае на процесот на донесување политички одлуки, односно да го забави проширувањето на обновливите извори на енергија. Парите, според државното правобранителство, се „слеале“ на сметката на еден политичар и неговите партнери, а целта била да се протурка исплата на субвенции за две нуклеарни централи. Се тврди дека станува збор за милијарди долари.
Милионски измами во Русија
Русија: едно од истражувањата откри индиции дека милиони американски долари од проектот на Глобалниот еколошки фонд (управен од УНДП, програма на ОН за развојна помош) очигледно биле проневерени. Станува збор за проект кој се спроведуваше помеѓу 2010 и 2017 година, кој имаше за цел да ја зголеми енергетската ефикасност и да ги намали емисиите - но, според ИПК, не успеа да постигне ниту една од овие прокламирани цели.
Либија: Арапската земја страда од екстремни временски услови, чии последици ги влошува корупцијата. Во текот на 2023 година, по долгогодишно неодржување, попуштија две брани, што резултираше со катастрофални поплави со повеќе од 11.000 човечки жртви.
Виетнам: Митото и корупцијата за „подмачкување“ на високи владини функционери, вработени во царината и граничната полиција, го олеснија шверцот на незаконски исечените камбоџански дрва во Виетнам, односно негова „инфилтрација“ на легалниот пазар.
„Насекаде во светот, луѓето бараат мерки за заштита на климата од нивните влади. Но, на нивните барања често се спротивставува корумпираната моќ на нафтените и гасните компании, кои профитираат од уништувањето на природата“, критикува Мадс Кристенсен, директор на Гринпис Интернешнл, во штотуку објавениот Индекс на перцепција на корупцијата за 2024 година. Компаниите ги користат своите милијарди „за да ги замолчат критичарите и активистите, да купат моќ или да ги намалат заштитните мерки што ги штитат нашите семејства и нашата планета“, додаде тој.
Корупцијата како товар во многу земји
Како дел од својот извештај за минатата година, Транспаренси интернешнал категоризираше 180 земји низ светот во однос на перцепцијата за корупција во јавниот сектор - на скала од нула (високо корумпирана) до 100 поени (без корупција). Со оглед на тоа дека обемот на корупцијата расте, како и нејзината комплексност, во извештајот се наведува дека повеќе од две третини од земјите во светот се во долниот дел од табелата - односно под просечната вредност од 50 поени - „со огромни и потенцијално катастрофални ефекти врз глобалните мерки за заштита на климата“. Со ова се погодени речиси 6,8 милијарди луѓе, или 85% од светската популација (осум милијарди луѓе на Земјата).
Земјите со најниски оценки се претежно лоцирани во кревки региони во светот каде се присутни различни конфликти: на пример, Јужен Судан (8 од 100), Сомалија (9), Венецуела (10), Сирија (12), Либија (13), Еритреја (13) и Јемен (13) и Екваторијална Гвинеја (13).
Покрај овие песимистички прогнози, индексот на Транспаренси наведува и позитивни движења. Данска, на пример, со 90 поени, седми пат по ред е на првото место како земја со најниско ниво на перцепирана корупција. Зад Данска е Финска (88), потоа Сингапур (84), Нов Зеланд (83), Луксембург, Норвешка и Швајцарија (сите со 81 поен). Германија сè уште е меѓу земјите кои водат на листата, односно меѓу земјите со најниска стапка на перцепирана корупција - таа е на 15 место со Канада (75 од 100 поени).
Убиени повеќе од илјада еколошки активисти
Истражувањето на ТИ, исто така, ги истакнува човечките жртви на овој феномен наречен климатска корупција. Активистите за заштита на климата, луѓето кои се борат против климатската криза, како што се наведува, редовно се изложени на заплашување, насилство, па дури и убиства. Ова е голем ризик, особено во земјите со сериозни проблеми со корупцијата: „речиси сите 1.013 убиства на климатски активисти од 2019 година досега се регистрирани во земји со индекс помал од 50“, тврди Транспаренси интернешнал.
Индексот за перцепција на корупцијата јасно го документира остриот контраст меѓу земјите со силни, независни институции и слободни и фер избори, и оние во кои владеат репресивни, авторитарни режими. Целосните демократии имаат просечен ИПК до 73, онаму каде што демократијата е на климави нозе имаат просечен индекс на перцепција на корупцијата од 47, додека недемократските режими постигнуваат просечна вредност од само 33 поени.
Растечка глобална закана
„Корупцијата е растечка глобална закана, таа не само што го поткопува развојот, туку е една од главните причини за опаѓање на демократијата, нестабилноста и кршењето на човековите права“, рече Франсоа Валеријан, претседател на Транспаренси Интернешнл. Меѓународната заедница мора да ја стави борбата против корупцијата на самиот врв на својата листа на приоритети, вели тој: „Од клучно значење е да се потиснат авторитарните сили и да се обезбеди мирен, слободен и одржлив свет“.
Од неговото воведување во 1995 година, Индексот на перцепција на корупцијата се етаблира како водечки глобален показател за распространетоста на поткупот. Тој на анализира состојбата во 180 земји во светот, а се однесува на перцепцијата за распространетоста на корупцијата во јавниот сектор. Индексот се базира на податоци од 13 надворешни извори, меѓу кои Светска банка, Светски економски форум, приватни консултантски компании, различни тинк-тенкови и други организации.