Телефонски разговор Трамп-Путин: Целта промашена
19 март 2025Тоа беше телефонскиот разговор кој луѓето, особено во Украина, го чекаа со нетрпение и кој требаше да донесе барем малку повеќе мир во нивната земја. Сепак, резултатите се отрезнувачки. Таков е заклучокот на политичките експерти кои ги интервјуираше ДВ за разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Сепак, барем триесет дена не треба да паѓаат бомби врз електрани и рафинерии за нафта, ниту во Украина ниту во Русија. И - прилично изненадувачки - двете велесили се подготвени повторно да играат хокеј една против друга.
Ова произлегува од соопштението на Кремљ за јавноста по телефонскиот разговор. Во него се наведува дека Трамп предложил Русија да престане со нападите врз украинската енергетска инфраструктура на триесет дена. Путин се согласил да го стори тоа веднаш и, од своја страна, побарал целосно суспендирање на воената помош и разузнавачките активности на САД во полза на Украина како „суштински предуслов“ за почеток на договарањето на мирот.
Имено, шефот на Кремљ тврдел дека надзорот на почитувањето на целосниот 30-дневен прекин на огнот е поврзан со „сериозни ризици“. Не бил постигнат договор за ова прашање.
Дополнителни резултати, според Кремљ, се: Путин најавил нова размена на затвореници, 175 за 175 лица. Украина ќе прифати од Русија 23 ранети украински војници. Шефот на Кремљ ја пофалил желбата на Трамп да промовира „возвишена цел“ за ставање крај на војната.
Постигнување на мали, неважни компримиси
На крајот, двајцата претседатели изразиле интерес за нормализирање на билатералните руско-американски односи и разговарале за идеи за соработка во економијата.
На самиот крај, изненадувачки, Трамп ја поддржал идејата на Путин да се организираат натпревари во хокеј меѓу руските и американските ѕвезди на НХЛ и КХЛ.
По два часа претседателите го завршиле разговорот. За политикологот Антон Барбашин од аналитичкиот портал Ридл Русија јасно е дека разговорот не донесе ништо конкретно. Дури и откажувањето на Русија од бомбардирање на украинската инфраструктура „не треба да се сфати сериозно“, проценува тој за ДВ.
Барбашин потсетува: „Вистинскиот дневен ред беше целосен прекин на огнот. Барем американската страна зборуваше за тоа, а и Украина се согласи. Сега гледаме дека оваа цел е одложена на неодредено време“. Да, признава експертот, договорот да не се таргетираат енергетските објекти е „знак за одреден напредок“, но не повеќе од тоа.
Михаил Комин, независен руски политиколог со седиште во Виена, во резултатите од телефонскиот разговор гледа конкретна преговарачка тактика на Путин, која во разговорот за ДВ ја нарекува „игра со Доналд Трамп“.
Оваа тактика се состои од три точки, објаснува политикологот. Првата точка е соработување и договарање со американскиот претседател на мали, неважни компромиси. Денес, тој компромис беше откажување од напаѓање на енергетските објекти. Исто како Барбасен, и Комин не гледа „ништо сериозно“ во ова, особено што „грејната сезона во Украина е речиси завршена“.
Втората точка во тактиката на Путин, според Комин, е одолговлекувањето. „За тоа Путин фрла дополнителни пречки во преговорите. Тоа се дополнителни услови за продолжување на разговорите за прекин на огнот“. Експертот наведува примери на ограничувања на мобилизацијата во Украина и запирање на испораките, барем на американско оружје.
Третата точка е, конечно, одредени информации кои го нагласуваат посебниот карактер на односите меѓу Трамп и Путин, а со тоа и меѓу САД и Русија, и кои би биле многу добро прифатени, особено во американскиот печат. Овојпат тоа беше фактот дека наводно тоа бил најдолгиот разговор меѓу претседателите на САД и Русија од 1991 година и дека двајцата се договориле руските и американските хокеари на НХЛ и КХЛ да играат едни против други.
„Тоа е чисто симболичен чин кој Путин треба да го покаже - тој и Трамп ги решаваат големите прашања на светската политика, но не забораваат да ги негуваат нивните особено добри односи.“
Трамп прагматично гледа на украинското прашање
Политикологот Александра Филипенко, која живее во литванскиот главен град Вилнус, исто така, укажува на посебниот карактер на односот Путин-Трамп, кој беше демонстриран по телефонскиот разговор. Таа, исто така, го споменува двочасовното времетраење на разговорот во интервју за Дојче веле, но истовремено признава дека разговорот не донел пробив: „Иако размената на воени заробеници и ослободувањето на тешко ранети Украинци се значајни, разговорот не доведе до прекин на огнот што многумина го очекуваа од овој разговор.“
Доналд Трамп го гледа решението на украинското прашање прагматично и зависно од ситуацијата на фронтот: „Реално гледано, Крим и Донбас и некои други украински територии се окупирани. Трамп го гледа ова како фактичка состојба и се чини дека не е убеден во идеалистичките барања за враќање на овие територии на Украина.“ Американскиот претседател веќе ги призна окупираните украински територии како руски територии, забележува Филипенко.
Сепак, научничката смета дека пофалбите и ласкањата на Трамп за Путин можеби нема да се преточат во вистински политички одлуки. На крајот од краиштата, американскиот претседател го пофали и кинескиот претседател Ши Џинпинг. „Неговиот личен став влијае на односите со другите политичари, но се чини дека не влијае на вистинскиот процес на донесување одлуки.“ Трамп не е наивен. И покрај неговата фасцинација од силни лидери, тој останува трезвен со Владимир Путин, заклучува Филипенко.
Што ќе се случи? За политичкиот експерт Барбашин е јасно: ништо нема да се смени во следните месеци. Руската армија ќе напаѓа, украинската ќе се брани. „Во суштина, топката е кај европските партнери на Украина. Дали ќе ја пополнат празнината што САД би ја оставиле во воен поглед? Дали ќе ги зголемат испораките на оружје?“ Вашингтон, според сите очекувања, ќе ги замоли Европејците да ја намалат својата желба да ѝ помогнат на Украина. „Ништо добро не произлегува за Украина“, резимира експертот.