Трамп: „Мислам дека имаме договор со Русија“
24 април 2025Во преговорите за ставање крај на војната во Украина, американскиот претседател Доналд Трамп смета дека е постигнат договор со Русија: „Верувам дека имаме договор со Русија“, рече Трамп во Вашингтон. Сега уште, како што изјави, треба да го убеди украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е „потешко“.
Непосредно пред тоа, американскиот претседател го обвини Зеленски дека ја продолжува војната со запаливи изјави. Украинскиот претседател, сепак, уште еднаш ја отфрли линијата на Трамп дека неговата земја може да се откаже од црноморскиот полуостров Крим, кој беше анектиран од Русија, за да постигне мир. „Украина секогаш ќе постапува во согласност со нејзиниот Устав и ние сме апсолутно уверени дека нашите партнери - особено САД - ќе се придржуваат до нивните силни одлуки“, рече Зеленски во изјавата објавена на онлајн сервисот Телеграм и на платформата X. Тој, исто така, ја наведе американската декларација за Крим од 2018 година, која ја повика Русија да се повлече од Крим, кој според меѓународното право и припаѓа на Украина.
Остри критики за Зеленски
Американскиот претседател го обвини Зеленски дека со неговото одбивање ја продолжува војната. „Ако го сака Крим, зошто не се бореа за него пред 11 години кога и беше предаден на Русија без ниту еден истрел?“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл. „Токму таквите запаливи изјави го отежнуваат завршувањето на оваа војна. Оваа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија“, напиша американскиот претседател.Трамп подоцна рече дека мислел дека ќе биде полесно да се преговара со Зеленски. „Досега беше потешко, но тоа е во ред“. Трамп не прецизираше дали ќе се сретне украинскиот претседател на погребните церемонии на папата Франциско во Рим во сабота.
Минатата недела Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од преговорите за Украина доколку Киев или Москва „многу ги отежнуваат“ разговорите. Во неделата тој изрази надеж за договор меѓу Русија и Украина оваа недела, но без да даде дополнителни детали за напредокот во преговорите.
Што содржи веројатниот план на САД за Украина
Во исто време, светските медиуми објавија детали од планот на САД предложиле план за ставање крај на војната во Украина кој вклучува неофицијално признавање на руската контрола врз речиси сите територии во Украина окупирани од почетокот на војната во 2022 година.
Дополнително, на Украина ќе и биде вратен мал дел од територијата окупирана од Русија во Харков. Според порталот Аксиос, нуклеарната централа Запорожје ќе се смета за украинска територија, но со неа ќе управуваат САД. Со електричната енергија произведена таму ќе се снабдуваат и Украина и Русија. Според планот, влезот на Украина во НАТО повеќе не би бил можен.
За возврат, се очекува Москва да се заложи за замрзнување на инвазијата долж сегашната линија на фронтот, пишува Фајненшл тајмс, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање. Експертите ги толкуваат ваквите планови на САД како јасна отстапка од страна на Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин, кој ја започна агресорската војна против Украина.