Трамп: Путин не мора претходно да се сретне со Зеленски
8 август 2025Американскиот претседател Доналд Трамп не бара од Владимир Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред да се сретне со него. На прашањето на новинарите дали Путин мора прво да се сретне со Зеленски, Трамп одговори: „Не“.
Трамп и Путин веројатно ќе се сретнат лично за првпат наредната недела за да разговараат за прекин на руската агресорска војна во Украина. Двете страни рекоа дека е вистинско време за таков самит. Датумот и местото сè уште не се утврдени.
Што е со ултиматумот?
Американскиот претседател остави отворено што ќе биде со неговиот ултиматум до Путин за санкции против руските трговски партнери. Рокот од 10 дена тече од 29 јули. До крајот на рокот, треба да се постигне прекин на огнот меѓу Русија и Украина. Во спротивно, Трамп има намера да воведе казни за руските трговски партнери - тој веќе најави дополнителни царини за Индија.
Кога го прашаа дали ултиматумот сè уште важи, Трамп за Путин рече: „Ќе видиме што има да каже. Сè зависи од него“.
Потврда од Кремљ
Во меѓувреме, Кремљ ја потврди претстојната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. На предлог на американската влада, средбата е закажана „во наредните денови“, изјави во четвртокот рускиот претседателски советник Јуриј Ушаков. Цел е средбата да се одржи „следната недела“. Путин, меѓутоа, одби средба со украинскиот шеф на државата Володимир Зеленски.
Кремљ во моментов работи со „американските колеги на разработка на деталите“, рече Ушаков во врска со планираниот самит меѓу Трамп и Путин. Местото на средбата, за кое Вашингтон и Москва веќе „во принцип“ се согласија, засега претседателскиот советник не го откри.
Русија води разорна агресорска војна против Украина повеќе од три години. Трамп повеќепати изјавуваше дека сака брзо да ја заврши војната. Тоа би била прва лична средба на актуелниот американски претседател со Путин од летото 2021 година. Тогаш, демократскиот претходник на Трамп, Џо Бајден, се сретна со шефот на Кремљ во Женева.