Трамп си замина предвреме од самитот на Г7
17 јуни 2025Како натаму на Блискиот Исток? Седумтемина тукушто позираа за семејната фотографија, што беше претпоследна точка на дневниот ред во планинското одморалиште во Кананаскис, кога одеднаш сè се промени.
Првата итна вест гласеше - претседателот на САД, Доналд Трамп, го напушта предвреме самитот на Г7 и се враќа во Вашингтон: „Морам да се вратам. Го гледате она што го гледам и јас“, им довикна Трамп на новинарите. „Морам да се вратам што е можно поскоро“.
„Би сакал да останам до утре“
Војната на Блискиот Исток, која и онака го засени самитот на Г7, го тера најважниот играч и околу ова прашање да замине по семејната фотографија и вечерата, по само еден ден од самитот.
„Би сакал да останам до утре, но сите разбирате. Сега се случуваат големи работи“, изјави Трамп.
Трамп ги повикува жителите на Техеран да се евакуираат
Непосредно пред тоа, Трамп на својата платформа Truth Social ги повика сите жители на Техеран да го напуштат градот. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет истовремено објави распоредување на дополнителни „воени капацитети“ во регионот.
Самитот на Г7 е сведок на натамошна ескалација на Блискиот Исток. А изутрината сè започна толку хармонично: планински пејзаж, жуборење на вода и домаќинот Марк Карни кој го чека германскиот канцелар.
„Неговата Екселенција, Фридрих Мерц“
Никој не можеше да претпостави дека работите, благодарение на Трамп, ќе тргнат по друг пат: „Неговата Екселенција, Фридрих Мерц“, го најавува една портпаролка германскиот канцелар. Прекрасни слики, ракувања. Карни знае дека со Мерц самитот може да биде добар.
Со Трамп работите се покомплицирани, како што се покажа вечерта. „Честитки со задоцнување“, вели Карни при поздравувањето со Трамп. Тој наполни 79 години два дена претходно. „Малку доцна“, одговара Трамп кратко. Тој е таков човек.
Зближување со претседателот на САД
И потоа доаѓа шоуто на Трамп. Вели дека тој секогаш повторувал дека е грешка да се исклучи Русија од Г8. Тоа тогаш го правеа поранешниот претседател на САД, Барак Обама и „личност по име Трудо“, вели Трамп. Карни стои настрана и не му противречи. Џастин Трудо, неговиот претходник како канадски премиер, дури и не беше на функција во 2014-тата година. Се чини дека тоа не е важно.
Во тек е акција на приближување до американскиот претседател, дури и на почетокот на првата работна сесија. Носталгијата не е стратегија, вели Карни, промената е важна. „Некои, на пример Вие господине Претседателе, го препознавте ова рано и дејствувавте храбро.“
Трамп обично сака да слуша такви работи. Дали сега е така? Се чини да. Сè додека работите не испаднаа поинаку.
„Важни прашања на Блискиот Исток“
Во 17:30 часот по локално време стигнува веста дека Трамп си заминува предвреме. Неговата портпаролка вели дека тој мора да се занимава со „важни прашања на Блискиот Исток“. На Израел му се потребни САД, а не Г7. „А Иран нема да победи. Го гледате тоа“, вели Трамп додека стои со Британецот Кир Стармер.
Иранците треба да преговараат пред да биде предоцна, нагласува Трамп. Стармер стои до него, но храбро продолжува да зборува за деескалација: „Постои консензус дека мора да деескалираме“.
Францускиот претседател Емануел Макрон му ја нуди на Трамп својата поддршка за иницијативата на Блискиот Исток. Додека се шири веста за предвременото заминување на Трамп, тој зборува за хармонија на самитот. Сè уште не знае ништо за предвременото заминување. Подоцна, откако ја добива информацијата за заминувањето на американскиот претседател, Макрон вели дека се во тек разговори и дека на маса е понуда за прекин на огнот и разговори.
Но, американскиот претседател, како што подоцна пишува на неговата платформа Truth Social, не си заминува од самитот на Г7 поради посредување за прекин на огнот помеѓу Израел и Иран. Тврди дека Макрон „погрешно рече дека го напуштам самитот на Г7 во Канада за да се вратам во Вашингтон и таму да работам на 'прекин на огнот' помеѓу Израел и Иран“.
На Трамп не му се потребни другите. Неговата јасна порака за Иран гласи: Ќе има договор. „Иран би било глупав да не потпише“, уверен е тој.
Изненадувачки, шефовите на држави или влади – со Трамп – сепак постигнуваат согласност околу изјавата за конфликтот меѓу Израел и Иран. Текстот, објавен од домаќинот Канада, го опишува Иран како „главен извор на регионална нестабилност и терор“ и го нагласува правото на Израел на самоодбрана.
Заминувањето на Трамп го пореметува самитот
Предвременото заминување го пореметува целиот самит. А, само неколку часа претходно, Карни оцени: „Се собираме тука на пресвртница во историјата“.
Во тој момент не претпоставуваше дека војната на Блискиот Исток и американскиот претседател ќе го претворат внимателно испланираниот самит од страна на Канада во она што тој стана на крајот - план што не успеа. Карни сепак изрази разбирање: „Му благодарам на претседателот Трамп што беше тука“.
Зеленски всушност сакаше да разговара со Трамп
Денес гостин е украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој всушност сакаше со Трамп да разговара за Украина. Индискиот претседател Нарендра Моди се приближуваше кон Канада кога се прошири веста за заминувањето на Трамп.
Глобалната ситуација сега повторно е поинаква. Блискиот Исток го предизвикува и американскиот претседател.
Спорот околу царините, дури и војната во Украина - се чини дека на овој ден сè друго е ставено во втор план.
Автор на текстот: Георг Шварте, АРД