Трамп се закани со крај на мировната иницијатива за Украина
20 мај 2025Американскиот претседател Доналд Трамп по разговорот со шефот на Кремљ, Владимир Путин, повторно покажа увереност дека рускиот претседател сака да ја заврши војната против Украина.
Осврнувајќи се на војната што трае веќе три години, Трамп рече: „Тоа е крвопролевање. И верувам дека тој сака да го заврши.“ Илјадници луѓе неделно се жртви на војната, рече Трамп. Во врска со напорите за завршување на војната, американскиот претседател во Белата куќа додаде: „Мислам дека имаме добри шанси да го направиме тоа. Мислам дека Путин го сака тоа.“ Трамп рече дека нема да бара мировно решение ако не е убеден во тоа.
На новинарско прашање дали Путин не се обидува само да купи време со преговори за да ја продолжи војната, Трамп одговори: „Мислам дека му е доста“.
САД се закануваат дека ќе ги прекинат мировните напори
Американскиот претседател рече дека САД засега ќе продолжат со своите посреднички напори за завршување на војната во Украина. Според него, и украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така сака крај на војната. Треба да има повеќе јасност за две до четири недели, рече Трамп, без да даде дополнителни детали.
Тој зборуваше за вклученост на луѓе со „големо его“ и наведе дека доколку нема напредок, „едноставно ќе се повлечам“, повторувајќи го предупредувањето дека можеби ќе се откаже од напорите за воспоставување мир меѓу Русија и Украина. „Ова не е моја војна“, рече Трамп.
Трамп го пофали економскиот потенцијал на Русија
Трамп нагласи дека Русија сака да тргува со САД „во голем обем“. Тој потенцираше дека за да се случи тоа мора да заврши војната во Украина. „Русија има огромна можност да создаде работни места и просперитет во голем обем.“ Економскиот потенцијал на Русија е неограничен, смета Трамп. Во исто време, Украина би можела да има корист од ова во својата обнова.
Трамп претходно го коментираше телефонскиот разговор со Путин на својата платформа Truth Social. Тој напиша дека разговорите треба да започнат веднаш - и дека папата Лав Четиринаесетти го понудил Ватикан како место за преговори. Тој го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските партнери за тоа.
Телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин во понеделникот (19.05) траел два часа. Тоа беше трет разговор меѓу двајцата шефови на држави откако Трамп ја презеде функцијата во јануари.
Европејците сакаат „внимателно“ да го следат прекинот на огнот
По телефонскиот разговор, Трамп ги информирал канцеларот Фридрих Мерц, претседателите на Финска, Франција и Украина, како и италијанската премиерка и претседателката на Европската Комисија, за неговиот телефонски повик, изјави портпаролот на германската влада Штефан Корнелиус.
Било договорено „тесно да се координира“ договорениот процес на преговори. Украина би требало да биде „блиску придружувана“ на нејзиниот пат кон прекин на огнот.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го потврди телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и европските шефови на држави или влади. На платформата X, таа напиша: „Му се заблагодарувам на претседателот Трамп за неговите неуморни напори за постигнување прекин на огнот во Украина. Важно е САД да останат ангажирани.“
Украинците и Европејците ја повикуваат Русија, која ја нападна Украина во 2022 година, да прифати безусловно примирје за да можат да започнат мировните преговори. Доколку Путин не попушти, Европејците се заканија дека ќе воведат нови строги санкции против Москва.
Русија: Нема временски план за прекин на огнот
Рускиот претседател Путин, исто така, подоцна позитивно се осврна на разговорот, нарекувајќи го значаен и корисен. Русија е подготвена да работи на меморандум со Украина што би вклучувал прекин на огнот, соопшти Путин. Москва сака да ги прекине борбите, но мора да се најде најефикасниот пат кон мир, вели тој. За да се постигне ова, Киев и Москва ќе мора да направат компромиси што се фер за сите страни. Тој не кажа како мисли дека треба да изгледаат тие.
Според Путин, сè уште нема одлука каде ќе се одржат овие разговори. Москва, вели тој, не знае ништо за понудата на Ватикан да учествува во преговорите за Украина. За тоа не било дискутирано за време на телефонскиот разговор со Трамп.
Според претседателскиот кабинет во Москва, во телефонскиот разговор не станало збор за временска рамка за прекин на огнот во Украина.
Зеленски нареди создавање преговарачка група
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди создавање на постојана национална преговарачка група. Целта на дипломатските напори, како што се вели, е вистински и траен мир.
Зеленски нагласи дека Украина останува посветена на целта за безусловно примирје најмалку 30 дена за време на разговорите. Тој, исто така, ја потврди својата подготвеност да се сретне со Путин.