Војна во Украина: Трамп сака да види договор „многу скоро“
19 април 2025Трамп во петокот во Вашингтон изјави дека ако Украина или Русија ги отежнуваат разговорите, САД ќе се повлечат од учеството. Тој најави донесување одлука „за многу кратко време“. Слични коментари претходно даде и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Трамп во Белата куќа рече: „Ако од која било причина која било од страните го отежнува договорот, ние едноставно ќе кажеме: 'Вие сте глупави, вие сте луди, вие сте страшни луѓе'. Но, се надеваме дека нема да мора да го правиме тоа“, додаде Трамп. Тој сè уште гледа „добри шанси за решавање на проблемот“, истакна претседателот, но, за да се случи тоа, борбите треба да прекинат.
Трамп не сакаше да ги обвини шефот на Кремљ Владимир Путин или украинскиот претседател Володимир Зеленски за недостатокот на напредок, истакна дека двете страни мора да постигнат напредок. Но, при предупредувањето дека одлуката за повлекување на САД од разговорите може да се донесе „за многу краток временски период“, Трамп во целина остана нејасен: „Нема конкретен број на денови, но брзо“.
Рубио претходно изрази незадоволство по преговорите за Украина одржани во Париз. Во наредните денови мора да се донесе одлука дали мирот во Украина е „остварлив“, рече тој, САД немаат бесконечно време и имаат „други приоритети“. Американскиот државен секретар укажа и на одговорноста на европските сојузници на Киев во преговорите: „Мислам дека Велика Британија, Франција и Германија можат да ни помогнат да ги придвижиме работите и да се доближиме до решение".
Според американскиот Стејт департмент, Рубио во телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО Марк Руте додал дека „САД ќе престанат со напорите за постигнување мир доколку наскоро не е видлив јасен пат кон мирот“.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пак, изрази „оптимизам“ за разговорите за Украина на средбата со италијанската премиерка Џорџија Мелони во Рим. „Не сакам да давам никакви предвидувања, но ние сме оптимисти и се надеваме дека можеме да ја завршиме оваа војна, оваа многу брутална војна“, рече Венс.
Во четвртокот, за прв пат по враќањето на Трамп во Белата куќа, претставници од САД и Европа одржаа заеднички разговори за Украина. На средбата во Париз, Рубио и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф разговараа за начините за ставање крај на војната со високи претставници од Германија, Франција, Велика Британија и Украина. Француската страна соопшти дека разговорите биле „позитивни“. Продолжување на преговорите е планирано за следната недела во Лондон.
За време на предизборната кампања Доналд Трамп првично тврдеше дека може да ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа. Подоцна тој ја зголеми временската рамка на шест месеци. Но, сега, по околу два месеци, се чини дека го губи трпението.
На почетокот на неговиот втор мандат во јануари, претседателот Трамп иницираше преговори со Русија за прекин на огнот во Украина без координација со европските држави. Виткоф веќе се сретна со Путин по трет пат на почетокот на април.
Една од ретките отстапки што Трамп ги изнуди од Русија во обид да обезбеди прекин на огнот беше 30-дневен мораториум на нападите врз украинската енергетска инфраструктура, објавен од Путин во март. Во петокот Кремљ го прогласи овој мораториум за завршен. Нема нови инструкции од Путин во врска со ова, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Путин го отфрли заедничкиот предлог на САД и Украина за безусловен и целосен прекин на огнот.