Трамп сака повторно да воведе смртна казна во Вашингтон
27 август 2025Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека во Вашингтон треба да се врати смртната казна, која беше укината во 1981 година. „Ако некој убие некого во главниот град, Вашингтон, ќе бараме смртна казна“, изјави Трамп вчера (26.08) на седница на кабинетот во Белата куќа. Според Трамп, смртната казна е „многу ефикасна превентивна мерка“.
Смртната казна во Вашингтон ДЦ (Округ Колумбија) беше укината во 1981 година. Главниот град на САД има уникатен правен статус: не е сојузна држава, но во некои области подлежи на контрола од страна на Конгресот.
Трамп го искористи овој посебен статус и на 11 август им нареди на трупите на Националната гарда да влезат во демократското упориште. Повеќе од 2.200 војници на Националната гарда сега се активни во главниот град. Тие доаѓаат од Вашингтон, но и од неколку сојузни држави управувани од конзервативците. Војниците на Националната гарда од неделата се и вооружени во акција.
Трамп им се закани и на други градови управувани од Демократите, како што се Чикаго, Њујорк и Балтимор, со мерки слични на оние на Вашингтон. Критичарите го обвинуваат Трамп дека го преувеличува обемот на криминалот за да ги оправда сè поавторитарните мерки.
Смртната казна е укината во 23 од 50-те американски држави, а мораториум е во сила во уште три - Калифорнија, Орегон и Пенсилванија. Три држави кои ги суспендираа егзекуциите - Аризона, Охајо и Тенеси - неодамна објавија планови за нивно повторно воведување. Американскиот претседател Доналд Трамп е поддржувач на смртната казна. Неговата министерка за правда, Пем Бонди, веќе нареди повторно воведување на смртната казна на федерално ниво.