Трамп: Разговорот со Путин не донесе напредок
4 јули 2025Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека телефонскиот разговор со шефот на Кремљ, Владимир Путин не донесол никаков напредок во однос на војната во Украина. „Не, воопшто не сум постигнал никаков напредок со него“, одговори Трамп на новинарско прашање дали се приближил до постигнување договор за крај на руската инвазија. Трамп додаде дека „не е задоволен“ од тековната војна.
Вчерашниот разговор помеѓу Трамп и Путин беше шести телефонски разговор на двајцата претседатели откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари. Според Москва, Путин за време на разговорот повторил дека Русија нема да се откаже од своите цели во Украина. „Нашиот претседател рече дека Русија ќе ги постигне своите наведени цели, имено, елиминирање на причините што доведоа до сегашната ситуација“, рече советникот на Путин, Јури Ушаков по разговорот. „Русија нема да се откаже од овие цели“. Во исто време, Путин покажал отвореност за продолжување на преговорите со Украина.
Двајцата претседатели меѓусебно дале уверување дека сакаат да го продолжат дијалогот, но нема конкретни планови за лична средба.
Според Ушаков, Трамп и Путин не разговарале за делумниот прекин на испораките на оружје за Украина од страна на САД.
Во вторникот (1.07) беше објавено дека САД ги прекинале испораките на одредено оружје за Украина. Пентагон во меѓувреме го потврди тоа, но не даде детали. Според американските медиуми, станува збор за одредени ракети и муниција. Министерството за одбрана соопшти дека САД се во процес на проверка на сопствените капацитети и дека ја прекинале и помошта за други земји. Портпаролот на министерството, Шон Парнел, меѓутоа, нагласи дека американските вооружени сили имаат сè што им е потребно за да извршат каква било мисија во светот. Путин го поздрави делумното прекинување на испораките на оружје.