Трамп против Харвард: Битката за суверенитет во предавалните
24 мај 2025Среде студентскиот распуст, мобилниот телефон на студентот на Харвард, Михаел Грицбах, не престанува да ѕвони. Тој е на магистерски студии по јавна администрација и е член на Студентскиот парламент на Харвард-школата Кенеди.
Ненадејната вест за претстојната забрана за студирање на Харвард за странски студенти, вели тој во интервју за АРД, ги оставил него и неговите колеги вчудоневидени: „Цел живот се боревме за да можеме да бидеме овде“, вели тој. „Го штедевме секој долар, обезбедивме стипендии и ги 'откорнавме' нашите семејства. А сега или не смееме да доаѓаме, или мора да го прекинеме студирањето на половина пат или да продолжиме со 'студии лајт'.“ Ова, додава Грицбах, е „шокантна ситуација“.
На Трамп му е до влијание и пари
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп води културна војна. Не само за суверенитетот на интерпретација во предавалните во САД, туку и за политичката популарност кај гласачите за кои студирањето на елитен универзитет никогаш не било достижно.
Магистрантот Грицбах смета дека аргументот оти во овој спор се работи за борбата против антисемитизмот и безбедноста на еврејските студенти, на пример за време на протестите во кампусот против војната во Газа, е изговор. „Не е добро да тврдите дека сакате да ги заштитите израелските студенти, а потоа да ги исфрлите од земјата. Тоа е лудост.“ Грицбах зборува и за пример за другите универзитети: „Наведнете се, погледнете што се случува овде, и ако не се придржувате, ќе бидете следни“.
И Трамп слободно признава дека спорот за правото на престој е само „заменска борба“. Тој на прес-конференција во Вашингтон во петокот вечерта (23.05) јасно стави до знаење дека го интересираат влијанието и парите. САД плаќа милијарди и милијарди долари на универзитети како Харвард, рече американскиот претседател, алудирајќи на грантови, стипендии и великодушни даночни олеснувања. За возврат, Харвард треба да се промени.
Казната за Харвард влијае на цела држава
Колатералната штета за САД како центар на науката, кои и онака сѐ повеќе губат терен во трката со Кина, е веќе видлива. Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг, на пример, нуди трансфер за секого што не може да ги продолжи студиите на Харвард.
САД со тоа трошат важен ресурс, предупредува Рајан Енос, политиколог од Харвард, во интервју за Си-Ен-Ен: „Ова е неверојатен благослов што го нема ниту една друга земја“. Најпаметните умови на светот не доаѓаат во САД само да студираат, многумина потоа и остануваат во земјата, вели Енос. Оваа казна за Харвард затоа ги погодува целите Соединетите Американски Држави, на кои сега им се зема овој капитал.
Судовите во САД сè уште ја штитат слободата на универзитетите да носат странски студенти во земјата. Дали администрацијата на Трамп навистина ќе ги почитува овие судски пресуди во пракса, студентите ќе знаат по нивното следно влегување во земјата. Во септември, кога започнува следниот семестар.
Автор: Самуел Јакиш, АРД