Трамп повторно разговарал со Путин
26 август 2025Американскиот претседател Доналд Трамп одговори потврдно на прашањето на новинарите за тоа дали разговарал повторно со рускиот колега Владимир Путин по самитот во Вашингтон,на кој присуствуваа украинскиот лидер Володимир Зеленски и европски шефови на држави или влади. Во врска со текот на повторниот разговор со Путин, Трамп рече: „Секој разговор што го имам со него е добар разговор. А потоа, за жал, бомба го погодува Киев или паѓа некаде на друго место, и тоа ме прави многу лут.“
Трамп одржа самит со Путин во Алјаска кон средината на август за да постигне решение за прекин на руската агресија во Украина.
Во телефонски разговор за време на последователниот самит САД-ЕУ во Вашингтон на 18 август, Трамп изјави дека Путин се согласил на билатерална средба со Зеленски. Но, Москва ги негираше плановите за таква средба.
На прашањето зошто Путин очигледно не сакал да се сретне со Зеленски, Трамп рече: „Затоа што не го сака.“ Сепак, американскиот претседател останува уверен дека ќе ја заврши војната. „Мислам дека ќе ја завршиме војната“, рече вчера (25.08) Трамп.
Во меѓувреме, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио вчера разговарал телефонски со своите колеги од Украина, Германија и други европски земји, како и со првата ЕУ-дипломатка, Каја Калас. Политичарите се согласиле да „продолжат со соработката во дипломатските напори за ставање крај на руско-украинската војна преку траен и договорен договор“, изјави портпарол на американскиот Стејт департмент.