Трамп: Прекин на огнот во Украина или „наскоро“ или „никако“
28 февруари 2025Американскиот претседател Доналд Трамп бара забрзување на работите со цел да се стави крај на војната во Украина. Прекинот на огнот или ќе биде постигнат „многу наскоро“ или „никако“, рече Трамп по разговорите со британскиот премиер Кир Стармер во Вашингтон. „Мислам дека направивме голем напредок и работите се движат прилично брзо“, рече Трамп на заедничката прес-конференција.
Во однос на преговорите меѓу САД и Русија, Стармер предупреди дека прекинот на огнот „не може да биде мир што го наградува агресорот“. Таков мир ќе ги охрабри „режимите како Иран“, аргументираше тој.
Неодамнешните потези на американскиот претседател во врска со војната во Украина предизвикаа загриженост во Европа. Европејците и Украинците се плашат дека Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би можеле да одлучат за иднината на Украина без европско учество и да се договорат за прекин на огнот што ќе го принуди Киев да направи значителни територијални отстапки.
Стармер: Подготвен за распоредување трупи на теренот
Стармер ја повтори својата подготвеност да испрати војници за обезбедување на можен мировен договор во Украина. „Обединетото Кралство е подготвено да распореди војници на земја и авиони во воздух за поддршка на договор, во соработка со нашите сојузници, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбеди траен мир“, рече британскиот премиер.
Стармер претходно неколкупати го пофали Трамп за иницирање на разговорот за мировен договор. Се зборува за договор кој е тежок, но праведен, во кој Украина е значително вклучена, и кој ќе биде поддржан од сили за Путин да не се враќа за да зема повеќе, рече Стармер за неговите разговори во Белата куќа.
Сепак, Трамп не беше убеден да вети дека ќе обезбедува можен мировен договор за Украина со свои воени средства. Американскиот претседател се спротивстави на предупредувањето на Стармер дека недостатокот на американско „обезбедување“ на прекин на огнот ќе го охрабри Путин повторно да ја нападне Украина. Според Трамп, прво мора да има „договор“ за прекин на огнот во Украина пред да се донесе одлука за испраќање странски мировници.