Tрамп: Не се планирани ракети со долг дострел за Украина
16 јули 2025САД, според изјавите на претседателот Доналд Трамп, не планираат да ѝ стават на располагање на Украина ракети со долг дострел. На прашањето дали е подготвен за тоа, Трамп пред новинарите одговори: „Не, тоа не ни е намера.“
Американскиот претседател беше прашан и дали украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да ја напаѓа Москва или други цели подлабоко во територијата на Русија. Трамп на тоа одговори: „Не, тој не треба да цели кон Москва.“
Американскиот претседател се соочи со овие прашања откако весникот „Фајненшл Тајмс“ објави дека Трамп ја охрабрил Украина да нападне длабоко во територијата на Русија. За време на телефонски разговор со Зеленски, тој прашал дали Киев може да ја погоди руската престолнина Москва или вториот по големина град во земјата, Санкт Петербург, доколку САД испорачаат оружје со долг дострел, пишува весникот, повикувајќи се на две личности запознаени со разговорот.
Неколку американски медиуми потоа ја цитираа портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, која изјави дека Трамп само поставил прашање, но не повикал на натамошни убивања.
Трамп во понеделникот му постави рок на рускиот претседател Владимир Путин: Доколку во рок од 50 дена не се постигне договор за прекин на руската војна против Украина, тогаш САД ќе воведат високи царини против трговските партнери на Русија.
На прашањето зошто му дава уште 50 дена на Путин да ја продолжи својата војна против Украина, Трамп одговори: „Не мислам дека 50 дена е многу долг период.. Освен тоа, нешто би можело да се случи и порано“, изјави американскиот претседател.