Трамп му го запира пристапот на Бајден до тајни информации
8 февруари 2025Американскиот претседател Доналд Трамп му ги укина безбедносните дозволи на својот претходник Џо Бајден. „Веднаш му го одземаме безбедносниот сертификат на Џо Бајден и ги запираме неговите дневни брифинзи за разузнавачки информации“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social. Според него, „нема потреба Џо Бајден да продолжи да има пристап до доверливи информации“.
Трамп го оправда својот драстичен чекор со тоа дека Бајден му го направил истото во 2021 година. По изборната победа над десничарскиот популист, Бајден тогаш укажа на неговото „непредвидливо однесување“ пред и по упадот на приврзаниците на Трамп во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Безбедносниот сертификат им овозможува на поранешните американски претседатели да добијат пристап до тајните владини и воени документи дури и откако ќе ја напуштат функцијата. Тие традиционално имаат право на тоа.
Во својата објава на Truth Social во петокот, Трамп го нападна Бајден, изјавувајќи дека на Бајден „не може да му се верува“ кога станува збор за разузнавачки информации. Тој го наведе извештајот на специјален иследник за аферата околу складирањето на тајните документи кои биле пронајдени во куќата на демократот. Во својот извештај пред нешто повеќе од една година, специјалниот иследник Роберт Хар истакна значајни разлики помеѓу скандалот со документи во случајот на Бајден и скандалот со Трамп. Додека Бајден доброволно ги предаде тајните документи на Националниот архив и соработуваше во текот на истрагата, Трамп одбиваше да ги врати документите „многу месеци“, се вели во соопштението. Сепак, Хар забележа и дека Бајден изгледа како „добронамерен, постар човек со лоша меморија“.
Трамп се закани со одмазда на своите противници уште во текот на предизборната кампања. На крајот на јануари, американската влада им ја повлече личната заштита на истакнати критичари. Тука се вбројуваат вирусологот и поранешен советник на владата за прашања на коронавирусот, Ентони Фаучи, поранешниот советник за национална безбедност на Бајден, Џон Болтон и поранешниот началник на Генералштабот, Марк Мили.