Трамп ја вооружува Националната гарда во Вашингтон
25 август 2025Припадниците на Националната гарда испратени во Вашингтон од страна на американскиот претседател Доналд Трамп од вчеравечер (24.08) се вооружени, се вели од нивната команда. На гардистите, како што се вели, им е дозволено да користат сила само „како последно средство и исклучиво како одговор на непосредна закана по животот“.
Извори од Пентагон претходно изјавија дека членовите на Националната гарда „наскоро“ ќе бидат вооружени. „По наредба на министерот за одбрана, членовите на Националната гарда наскоро ќе носат службено оружје во извршување на задачата за намалување на стапката на криминал во главниот град на нашата земја“, изјави во петокот претставник на Министерството за одбрана кој сакаше да остане анонимен.
Главниот град на САД е упориште на Демократската партија и ужива посебен статус како „District of Columbia“ (Округ Колумбија). Во Вашингтон во моментов се стационирани повеќе од 1.900 членови на Националната гарда - од Вашингтон, како и од сојузните држави Охајо, Луизијана, Мисисипи, Јужна Каролина, Тенеси и Западна Вирџинија. Припадниците на Националната гарда патролираат во областите околу Белата куќа и делот полн со туристи помеѓу Конгресот и Споменикот на Линколн, како и по железничките и метро станиците.
Трамп го оправдува распоредувањето на трупите со наводна безбедносна „вонредна состојба“ во Вашингтон. Тој, исто така, ја стави локалната полиција под контрола на неговата администрација.
На 11 август, Трамп изјави дека ќе го заштити Вашингтон од „криминал, крвопролевање, хаос, беда и полошо“. Во петокот (22.08), Трамп пред новинарите во Белата куќа рече: „Ќе ги направиме нашите градови многу, многу безбедни“.
Освен тоа, Трамп ги повтори своите планови за два други града управувани од Демократите: „Мислам дека Чикаго ќе биде следен, а потоа ќе му помогнеме на Њујорк“. Во неделата, Трамп на својата платформа Truth Social напиша дека би можел да испрати федерални безбедносни сили и во Балтимор, кој исто така е демократско упориште.
Во јуни, Трамп веќе ја мобилизираше Националната гарда и маринците во Лос Анџелес за да ги прекине протестите против неговата имиграциска политика.
Статистиката на локалната полиција покажува дека во Вашингтон, во периодот 2023/2024 година, има значителен пад на криминалот со насилство, по порастот за време на пандемијата на коронавирус. Сепак, Трамп ја обвинува градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, за „давање лажни и многу неточни бројки за криминалот“.