Трамп: Има методи за трет мандат
31 март 2025Американскиот претседател Доналд Трамп постојано навестува дека не ја отфрла можноста за трет мандат - иако американскиот Уставот дозволува најмногу два. Многу негови поддржувачи сакаат тој да остане на функцијата уште четири години по завршувањето на неговиот мандат, изјави Трамп во телефонскoто интервју за телевизијата Ен-Би-Си Њуз во неделата (30 март, 2025)
Но, тој, како што рече, им порачал дека „ни претстои уште долг пат, уште сме многу рано во владата“. На прашањето дали ќе бара уште еден мандат, претседателот во телефонското интервју одговори: „Работам со задоволство“. И на повторното инсистирање на новинарката на Ен-Би-Си околу третиот мандат тој додаде: „Не се шегувам“.
Промена на улогите со Венс?
На прашањето дали му биле презентирани планови што ќе му овозможат да служи трет мандат, Трамп рече: „Постојат методи кои би можеле да се искористат за да се постигне тоа“.
Тој, исто така, не го исклучи сценариото неговиот потпретседател Џеј Ди Венс да се кандидира за претседател, а потоа да му направи пат на Трамп. Тоа е еден метод, одговори Трамп, додавајќи: „Но, има и други“.
Уставот на САД дозволува само два мандата
Откако поранешниот претседател Френклин Д. Рузвелт беше избран четири пати по ред, во 1951 година беше усвоен 22-от амандман на Уставот на САД, во кој се наведува дека „ниту едно лице нема да биде избрано на функцијата претседател повеќе од двапати“.
Но, Трамп, кој би имал 82 години ако повторно се кандидира за функцијата во 2028 година, флертуваше неколку пати во последните месеци со идејата да остане на функцијата подолго. Дури и пред Рузвелт, неформално правило беше да не се служи подолго од два мандата - по примерот на првиот претседател Џорџ Вашингтон.
Републиканскиот конгресмен Енди Оглс во јануари поднесе иницијатива за зголемување на ограничувањето на мандатот на три мандати, но се смета дека нема реални шанси за успех.
Опозициските демократи , сепак, стравуваат дека републиканецот може да се обиде поинаку да го толкува Уставот за да остане на власт подолго. Правните експерти, исто така, веќе истражуваше теории за тоа како Трамп може да се обиде да го направи тоа. Според самиот Трамп, фактот дека тој не отслужил два последователни мандати, исто така би можел да претставува начин да се заобиколи 22-от амандман.