Трамп и мигрантите: „Американскиот сон е мртов“
22 март 2025Досега, бегалците во Централна Америка и Мексико имаа јасен компас - нивниот правец беше север, кон САД. Сега многумина се заглавени, сликовито кажано, помеѓу разбесното море и џунглата. Движењето е во застој, некои се враќаат назад.
Ова се случува повеќе или помалку доброволно, забележува политикологот Јунис Алма Рендон. Таа очекува нови рути и нови дестинации за бегалците. „Поради заканите на Доналд Трамп, ксенофобниот јазик и омразата, значително помалку мигранти доаѓаат на границата со САД“, објаснува таа. „Сега гледаме празни засолништа за бегалци.“
Мексико ги запира бегалците
Мексиканската влада исто така го запира бегалскиот проток бидејќи склучи таков договор со САД со цел да спречи високи царини. „Мексико стана дел од ѕидот“, вели Рендон.
Затоа, според неа, луѓето ќе размислуваат за други насоки. Многу луѓе ќе имаат идеја преку Колумбија да стигнат во Шпанија. И трговците со луѓе ќе барат нови рути и ќе земаат уште повеќе пари, смета таа. „Сите го менуваат начинот на размислување. Потребно е време, но феноменот на миграцијата во регионот дефинитивно се менува“, вели Рендон.
Први на удар беа Венецуелците
Венецуелците се првите кои ги напуштаат САД повеќе или помалку доброволно, или се враќаат назад на границата. Трамп им го укина статусот на привремена заштита веднаш по преземањето на функцијата.
Една четвртина од населението - над седум милиони луѓе - ја напуштија Венецуела за да избегаат од диктатурата. Некои од нив се упатуваат кон САД. За да го направат тоа, тие до Панама мора да патуваат преку Колумбија, односно џунглата Дариен, која е опасна по живот. Стотици луѓе загинаа на оваа рута.
Опасна патека за бегство низ џунглата
Естебан го преживеал ова тешко искушение - 4.000 километри до границата со САД. Но, потоа се свртел и се врати во Колумбија. „Има огромен бран на луѓе кои се враќаат затоа што немаа шанса да стигнат во САД“, вели тој. Луѓето немаат алтернатива и не можат да ги остварат своите соништа, вели Естебан: „Никогаш не замислував дека ќе се вратам на овој начин.“
При враќањето тој, заедно со сострадалникот Висенте, ги избегнал само 100-те километри низ џунглата Дариен - која се смета за една од најопасните патишта за бегство во светот. „Брод нѐ однесе преку морето за 175 долари по човек. Но, нè погоди висок бран. Шест лица исчезнаа, а една девојка се удави“, раскажува Висенте.
Неговиот сонародник Жордис Кастиљо е заглавен на границата меѓу Хондурас и Никарагва. Две години возел камиони за испорака во американската метропола Хјустон, Тексас. Потоа доброволно си заминал. „Бев принуден да го сторам тоа“, вели Жордис Кастиљо.
„Ако шетате на улица, имиграциските власти брзо ќе ве фатат, а јас немав документи“, вели тој. „Постојано се плашиш да не те депортираат, можеби дури и ќе те стават во затвор осум месеци.“
„Се зголемува физичкото насилство“
Мексико, од друга страна, е земја која традиционално им помага на бегалците. Конечно, повеќе од единаесет милиони Мексиканци самите емигрирале во САД, а речиси секој има роднини или пријатели на север. Само криминалните банди кои киднапираат, ограбуваат, силуваат или дури убиваат мигранти, се брутални.
Но, бидејќи сè повеќе луѓе веќе не сакаат само да транзитираат, туку сакаат да останат, расположението на некои места се менува, вели политикологот Рендон. Затоа што тие кампуваат на плоштадите и на улиците. „Тие ја изгубија сета надеж и идеја како да продолжат понатаму. Тие се многу депримирани“.
Се разбира, луѓето заземаат голем дел од јавниот простор. „Но, тие таму немаат ништо: нема вода, нема тоалети. Мора да одат некаде. Сега доживуваат сѐ повеќе расизам и ксенофобија“, вели Рендон. Мигрантите станаа цел на напади. „Порано тоа беше во најголем дел вербално, но сега сѐ позачестено е физичкото насилство.“
Нова надеж во Мексико?
Кубанецот Тиобели Карго, по животот во диктатура во неговата татковина и заканите од САД, сепак е среќен што е во Мексико. „Ја напуштивме Куба за подобра иднина. Не ја најдовме во САД“, вели тој. Мексико е слободна земја во која луѓето можат да го кажат она што го чувствуваат, вели тој:
„Тука работите се движат напред: добиваме документи и можеме да бараме работа. Плановите се сменија“, вели Карго. За него враќањето во кошмарот на Куба не е опција: „Американскиот сон е мртов“, додава тој резигнирано.
Автор: Михаел Кастрициус, АРД