Трамп: Зеленски може да ја заврши војната „речиси веднаш“
18 август 2025Пред денешната средба во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да преговара за решавање на војната со Русија. Зеленски може да ја заврши војната „речиси веднаш“ доколку сака, или може да продолжи да се бори“, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут соушал. Тој како услови ги наведе откажувањето на Украина од Кримскиот полуостров и членството во НАТО.
„Некои работи никогаш не се менуваат“, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут соушал во неделата вечерта.
Доналд Трамп ќе го прими Зеленски и неколку водечки европски политичари во Белата куќа во понеделник - три дена по неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска. На разговорите ќе учествуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Клучни теми ќе бидат безбедносните гаранции за Украина во случај на мировен договор и ставот кон руските територијални претензии. Трамп наводно ветил безбедносни гаранции од САД за Украина.
На Трут соушал, Трамп напиша дека понеделникот е „одличен ден“, велејќи дека е „чест“ да се примат толку многу врвни европски претставници.
По средбата со Путин, американскиот претседател се повлече од својот повик за итно прекинување на огнот во војната во Украина, а наместо тоа се залага за сеопфатен мировен договор. На овој начин тој се приближи до ставот на Путин и предизвика големо разочарување во Украина и меѓу западните поддржувачи на Киев.
Преговорите за сеопфатен мировен договор би траеле многу подолго од прекинот на огнот, кој теоретски би можел да се спроведе многу брзо. Украина и нејзините западни сојузници стравуваат дека Русија само игра за време и стреми кон дополнителни воени придобивки во Украина.