САД: Трамп ги напаѓа универзитетите - студентите во страв
16 април 2025Конфликтот меѓу Доналд Трамп и елитните американски универзитети Колумбија и Харвард ескалираше откако администрацијата на Харвард ги отфрли обвинувањата на претседателот за наводен „антисемитизам, марксизам, левичарство“ и други „болести“, како што буквално кажа Трамп. Овие обвиненија тој ги упати кон Колумбија и Харвард поради пропалестинските демонстрации кои извесно време се одржуваа на тие универзитети, при што имаше и напади врз студенти од еврејска вероисповед. Трамп ги обвинува универзитетите дека не прават доволно за да ги прекинат тие протести и да ги заштитат еврејските студенти.
Притоа тој користи едно правило според кое на универзитетите може да им се одземе привилегијата да не плаќаат данок на доход доколку постапуваат на дискриминаторски начин кон некое малцинство. Поточно, Харвард, најстариот и најбогатиот универзитет во САД, би можел да го чини две милијарди долари годишно. Ректорот на Харвард Алан Гарбер ги отфрли тие обвинувања и го обвини претседателот за кршење на граѓанските и уставно загарантираните права.
Во исто време, овој конфликт би можел да влијае и на најслабите алки во академскиот синџир - странските студенти кои сега стравуваат дека може да им бидат одбиени визите и стипендиите.
Земја на слободата која повеќе не е?
Еден странски студент од американски универзитет за ДВ вели дека се плаши од моментот кога ќе мора да ја продолжи студентската виза. „Јас сум бруцош кој пристигна во САД очекувајќи можности, но и предизвици кои, меѓутоа, нема да ги загрозат моите слободи како поединец. Мислев дека сум во земјата на слободните“, вели студентот по новинарство, алудирајќи на текстот на американската химна кој зборува за „земјата на слободните“.
Тој додава дека сега мора да практикува самоцензура откако добил е-пошта од администрацијата на колеџот со предупредување за опасностите од критикување на администрацијата на Трамп. „Опасно е да се биде новинар во земјата од која доаѓам, но сега ми се чини дека е поопасно да се биде новинар во САД“, вели за ДВ студентот, кој сакаше да остане анонимен.
Рахан Капур, потпретседател на Здружението на странски студенти на Универзитетот Џорџ Вашингтон, вели дека неговото здружение организира информативни сесии за оние студенти кои се плашат дека ако патуваат надвор од САД, би можеле да им биде забранет повторен влез во земјата.
„Многу странски студенти летово нема да патуваат дома затоа што не сакаат да стават ништо на ризик“, вели Капур.
Страв од непродолжување на визите
Тие стравови можеби не се воопшто неоправдани, оценуваат во НАФСА, непрофитна организација која се занимава со меѓународна размена на студенти и ја следи состојбата со издавањето на студентските визи.
Оваа организација има податоци за најмалку 1.300 случаи пријавени од средината на март до средината на април, кои вклучуваат или одбивање на продолжување на визата или бришење од СЕВИС, владиниот регистар на странски студенти или студенти на размена. „Она што го забележуваме е целосно отсуство на каква било транспарентност во процесот на одбивање визи или објаснувањата за одбивањето на визите“, се наведува на веб-страницата на НАФСА.
Притоа, не постои само опасност од одбивање да се продолжи визата, туку и конкретно притворање и протерување, како што беше случајот со Махмуд Калил, кој ги организираше пропалестинските протести во Колумбија или Румејса Озтурк, која го критикуваше нејзиниот универзитет Тафтс, бидејќи не ѝ се допаѓало како реагирал на, како што рече, кршењето на човековите права во Газа.
Особено, пропалестинските протести од минатото лето, кои избувнаа, делумно и насилно, на многу американски универзитети, сега ѝ даваат повод на новата влада да се судри со универзитетските администрации, обвинувајќи ги за антисемитизам.
Некои повикуваат да се излезе на улица
Нападите на Доналд Трамп врз универзитетите предизвикаа отпор и надвор од академскиот сектор. Поранешниот републикански политичар Џамал Бауман неодамна учествуваше на студентските протести во Вашингтон и во таа прилика оцени дека односот на администрацијата на Трамп кон академскиот свет е симбол и на неговата поширока политика.
„Колку повеќе има необразовани, толку е полесно да се манипулира со нив. Трамп и конзервативниот 'Проект 2025' сакаат да контролираат што читаме, што мислиме и како постапуваме, бидејќи тоа им дава поголема моќ, додека нам ни ја одзема моќта“, вели Бауман.
Тој ги повика студентите ширум САД да излезат на улиците за да испратат сигнал до оние кои се на власт. „Потребен ни е секој за да го возвратиме ударот, бидејќи демократијата и хуманоста се во опасност“, заклучи републиканскиот политичар.