Трамп бара од Иран да капитулира
18 јуни 2025Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Иран на „безусловно предавање“. САД точно знаат каде е врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, напиша Трамп на својот онлајн сервис Truth Social. „Тој е лесна цел, но таму е безбеден - нема да го исклучиме (убиеме!), барем не во моментов“, напиша Трамп. Тој додава и дека воздушниот простор над Иран е целосно под контрола.
Трамп, исто така, го предупреди Иран да не испукува ракети кон цивили или американски војници и предупреди: „Нашето трпение е при крај“. Во друга објава, Трамп во порака, веројатно упатена кон Иран, со големи букви напиша: „Безусловно предавање!“ Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс на онлајн платформата X му се закани на Техеран со „понатамошни дејствија“ од страна на САД „за да се спречи иранското облагородување (ураниум).“
Свикан Националниот совет за безбедност
Венс не прецизираше на кои мерки мисли. За нив би можело да дискутира Националниот совет за безбедност, кој, според портпарол на американската влада, го свикал Трамп. Со Советот претседава претседателот на САД. Традиционално, тој ги вклучува потпретседателот и министрите за надворешна политика, одбрана и внатрешна безбедност, како и високи воени и разузнавачки претставници. Целта е тесна координација со претседателот за безбедносни прашања.
Трамп претходно го прекина своето учество на самитот на Г7 во Канада и се врати во Вашингтон. Тој претходно ги повика 9,5 милиони жители на Техеран да се засолнат на безбедно. Трамп, исто така, ги отфрли изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека неговото заминување е поврзано со преговори за прекин на огнот.
На повратниот лет, тој изрази фрустрација кон иранското раководство за тоа што не му успеало да се постигне согласност за нов нуклеарен договор со нив. Трамп рече дека сега сака „вистински крај“ на конфликтот и „целосно напуштање“ на нуклеарната програма на Техеран. „Требаше да го склучат договорот. Им реков: 'Склучете го договорот'“, рече Трамп во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“. „Значи, не знам. Сега не сум баш расположен за преговори.“
Тој верува дека Иран е „многу блиску“ до тоа да има нуклеарно оружје, продолжи Трамп. Кога му беше посочено дека неговата координаторка на тајните служби Тулси Габард во март пред Конгресот рече дека американските разузнавачки агенции сè уште не виделе никакви докази дека Иран работи на изградба на нуклеарна боева глава, тој одговори: „Не ме интересира што кажа таа. Мислам дека беа многу блиску до тоа да имаат една.“
САД веројатно распоредуваат борбени авиони на Блискиот Исток
Според новинската агенција Ројтерс, САД распоредуваат дополнителни борбени авиони на Блискиот Исток. Во регионот се распоредуваат и други авиони на американските воздухопловни сили, објави Ројтерс, повикувајќи се на тројца високи американски претставници. Еден од нив вели дека во регионот ќе бидат распоредени борбени авиони Ф-16, Ф-22 и Ф-35. Двајца од инсајдерите нагласуваат дека засилувањата на американската војска во зоната на конфликтот се дефанзивни. Авионите ќе се користат за соборување беспилотни летала и ракети.
Четврт висок функционер на американската влада за Ројтерс изјави дека е можно и распоредување на дополнителни воени бродови во регионот, опремени со балистички ракети. Министерството за одбрана на САД засега не ги коментира ваквите информации.
Претходно беше објавено дека американската армија распоредува голем број авиони-танкери во Европа. Освен тоа, кон Блискиот Исток бил упатен и носач на авиони. Целта е да се прошири опсегот на дејствување на американскиот претседател. САД веќе имаат значително воено присуство на Блискиот Исток, со речиси 40.000 војници во регионот, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, борбени авиони и воени бродови.
Шпекулации за плановите на Трамп
Ненадејното заминување на Трамп од самитот на Г7, распоредувањето на трупи и заканите на американскиот претседател предизвикаа шпекулации за тоа дали САД ќе интервенираат во судирот меѓу Израел и Иран.
Од друга страна, британскиот премиер Кир Стармер изрази увереност дека Трамп нема да ги вовлече САД во конфликтот меѓу Израел и Иран. „Не мислам дека било што од она што претседателот го кажа тука или на друго место укажува дека САД ќе се вмешаатт“, изјави Стармер пред новинарите на самитот во Кананаскис, Канада. „Мислам дека она што го кажа беше дека сака да оди подалеку од прекин на огнот и сака ефикасно да го заврши конфликтот. И мислам дека е во право за тоа“, рече Стармер.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон предупреди од соборување на иранската влада со воени средства. Ова би била голема грешка, рече францускиот претседател. Тој е убеден дека би било најдобро да се продолжат преговорите со Иран. Макрон објаснува дека Трамп веројатно се предомислил. Тој претпоставува дека американскиот претседател сака да го зголеми притисокот врз Исламската Република.