Монетарната власт се враќа во „машки“ раце
22 мај 2025Стручен во економијата, искусен и неретко импулсивен во политиката, со богато професионално и академско искуство. 64 годишниот Трајко Славески, актуелен претседател на Советот на Град Скопје е кандидат за нов Гувернер на Народната банка. Предложен од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Трајко Славески е на пат да стане шести гувернер од независноста на државата, односно од нејзиното монетарно осамостојување.
Внимателна проценка
Предлогот Славески да биде новиот гувернер, претседателката на државата го достави до Собранието во средата. Во него таа истакнува дека изборот кој го направила бил резултат на внимателна проценка базирана врз стручност, компетентност, интегритет и реална можност за именување.
За да биде избран на новата функција, Славески треба да добие поддршка од мнозинството пратеници во Собранието. Седницата за избор на нов гувернер на Народната банка е закажана за 3 Јуни.
За или против
Славески е личност со богато професионално, академско и политичко искуство. Но дали изборот токму тој да застане на чело на една од клучните институции во државата е соодветен на предизвиците кои ги носи гувернерската позиција? Она што на некој начин боде очи во јавноста е неговата политичка функција што отвора и одредени дилеми. Славески е на функцијата во Град Скопје како кадар на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој е член на извршниот комитет на партијата и еден од клучните во креирањето и спроведувањето на нејзината економска програма.
Од опозициската СДСМ реагираат дека Славески бил партиски пиун, а предлогот тој да биде гувернер значи погребување на последната независна институција. Изборот според опозициската партија е исклучиво теснопартиски и затоа нема да го поддржат во Собранието:
„Невиден преседан е да се дозволи класичен партиски пиун да ја води оваа важна финансиска институција, каде што досега секогаш имало независни експерти на функцијата гувернер. Трајко Славески е човекот за кој 9.000 денари минимална плата се „многу пари“. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за покачување на минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот кој, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата“, критикуваат од СДСМ.
Предлогот за Трајко Славески ќе добие поддршка од владејачката партија. Премиерот Христијан Мицкоски не го коментира предлогот, но вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе му дадат поддршка на Славески:
„Тоа е одлука на претседателот на државата. Претседателката на државата го поднесува тој предлог, така што немам што да коментирам“, рече премиерот Мицкоски.
Интегритет и монетарна стабилност
Трајко Славески, ќе го преземе коримолото во Народната банка од Анита Ангелоска-Бежовска чиј мандат веќе истече, но таа останува на функцијата до официјалниот избор на нејзиниот наследник. Гувернерот согласно законот има право на реизбор, односно на втор седумгодишен мандат, но и овој пат традицијата продолжува, па така и натаму промените се случуваат на секои седум години.
Ваквата пракса останува и покрај тоа што низ годините сме имале одлични гувернери, коментира за Дојче веле академик Абдулменаф Беџети. Тој нема дилеми дека со својот бекграунд Трајко Славески е соодветен избор за оваа функција. Неговото искуство, дава надеж дека соодветно, професионално и со интегритет ќе продолжи да ја штити монетарната стабилност:
„Трајко Славески го познавам многу долго време и од аспект на личното познавање ценам дека е со интегритет и несомнено со компетенции докажани во делот на она што се бара за гувернерската позиција, од аспект на монетарните политики. Оттука немам резерви дека тој има искуство за функцијата. Тој во професионалната кариера има искуство во водење институции и во период кои на некој начин беа соочени со притисоци од глобалната финансиска криза во 2007, 2008 и 2009 година. Така што од таа гледна точка, мислам дека е погоден за функцијата и му пожелувам среќа“, изјави за Дојче веле академик Абдулменаф Беџети.
Искуството на Славески, според Беџети е несомнено. Доколку тој биде избран, во што не се сомнева, очекува да продолжи по актуелниот курс на монетарната политиката:
„Познавајќи ја неговата провиненција во делот на јавната економија, управувањето со јавните ресурси, сметам дека тој апсолутно е поборник на макроекономската стабилност. Очекувам да ја продолжи политиката и уште повеќе, да преземе одредени дополнителни проактивни мерки од аспект на пример за дорегулирање на работи за секундарните приходи на комерцијалните банки. Во тој дел мислам дека има одреден простор за корекции“, смета Беџети.
Клучни предизвици
Дел од упатените предупредуваат дека предизвиците пред новиот гувернер ќе бидат сериозни. Клучно за стабилноста на економијата велат е да продолжи довербата, стабилноста и предвидливоста:
„Главна задача на новиот гувернер е да ја зачува ценовната и финансиската стабилност во државата. Тоа значи внимателно управување со инфлацијата, стабилен курс на денарот и заштита на банкарскиот систем од ризици. Воедно, очекувам од гувернерот Трајко Славески да ја задржи независноста на Народната банка и да обезбеди транспарентна комуникација со јавноста. Само со доверба, стабилност и предвидливост можеме да ја зајакнеме економијата и да привлечеме инвестиции“, изјави за Дојче веле, Кирил Миноски, поранешен министер за финансии.
Од министер за развој до предлог за гувернер
Кариерата на Трајко Славески датира од почетокот на деведесеттите години. Најпрвин како професор на економскиот факултет во Скопје, а подоцна и како политичар. Првата функција во Влада му беше министер за развој во кабинетот предводен од Љубчо Георгиевски. На оваа функција останува 11 месеци, а подоцна во 2000 година станува советник на Никола Груевски. Во 2002 година станува член на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2005 година единствен претседател на оваа партија. Во владата на Никола Груевски, Славески е министер за финансии од 2006 до 2009 година.
Во своите јавни настапи често пати зборувал за односите со Никола Груевски, за кои вели дека не биле сјајни уште во самиот старт на неговата функција министер за финансии. Тоа се виде и во 2009 година, кога замина од функцијата, односно беше сменет во процес кој предизвика турбуленции. Во јавноста познат како еден од клучните автори на антиинфлаторната програма во 90-тите години и како учесник во носењето на суштински економски реформи, меѓу кои се и оние за воведување на данокот на додадена вредност, рамниот данок, концептот бруто-плата од почетокот на 2009 година, но и трансформацијата на Заводот за платен промет.
Славески е образован во САД како добитник на Фулбрајтова стипендија. Студирал на врвни универзитети како Харвард и Калифорнискиот државен универзитет, каде, како што самиот ќе рече во едно интервју, „не може со блеф, има критериуми и стандарди“.