Трагедија во Кочани: Бројни изрази на сочувство од странство
16 март 2025Освен изразите на сочувство и понудената помош од страна на раководствата на соседните земји на Северна Македонија, бројни се и другите пораки со сочувство и солидарност од странство по катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс:
„Веста за страшниот пожар во Кочани, Северна Македонија, е трогнувачка. Животите на луѓето кои сакаа безгрижно да слават беа брутално скратени. Моите мисли се со семејствата и пријателите на жртвите. На повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување“, напиша на платформата Х г министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го изрази своето жалење за трагичниот пожар во Кочани, во кој според досегашните информации загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени и хоспитализирани во повеќе здравствени установи низ земјата.
Фон дер Лајен во својата порака на платформата Х изрази сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во Кочани.
„Тажна сум поради трагичната загуба на животи во пожарот во Кочани. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и сите оние кои се погодени од ова“, напиша фон дер Лајен, велејќи дека ЕУ стои во солидарност со народот на Северна Македонија во овој тежок момент.
„Срцето ми е скршено од загубата на толку млади луѓе во страотниот пожар во Кочани. Моите мисли се со сите семејства на жртвите од оваа трагедија“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во објава на Х.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порача дека нејзините мисли „утрово се со народот на Северна Македонија и со семејствата и пријателите на сите оние кои ги загубија животите во страшниот пожар што избувна минатата ноќ во Кочани“.
„На сите повредени им посакувам брзо закрепнување. Европа тагува со вас на овој трагичен ден“, стои во објава на Мецола.
Пораки за поддршка испрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски. „На повредените им посакувам брзо закрепнување. Украина тагува заедно со нашите (северни) македонски пријатели на овој тажен ден“, напиша Зеленски во објавата на Х.
Хоспитализираниот папа Франциско упати молитви до жртвите и преживеаните во смртоносниот пожар во Кочани, во пораката што ја испрати државниот секретар на Ватикан.
Светиот Отец сака „на семејствата на починатите, претежно млади луѓе, да им го пренесе изразот на своето длабоко сочувство и својата духовна блискост со ранетите“, напиша државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, во телеграмата упатена до бискупот скопски Киро Стојанов.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во објава на Х изрази „длабоко жалење“ поради трагедијата во Кочани.
„Длабока жалост за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани“, стои во објавата на Калас.
Таа изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.
„ЕУ ја споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија“, додаде Калас.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази „длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и упати сочувство за жртвите.
„Длабоко натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе“, напиша Кос на Х.
Изразувајќи сочувство за загинатите, Кос наведе дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“.