Трагедија во дискотека во Кочани, десетици загинати
16 март 2025Во пожар кој зафати дискотека во Кочани се стравува за десетици жртви и речиси 100 повредени. Полицијата и обвинителството се на терен и се уште нема официјални податоци за несреќата која се случи рано утрово.
Според првичните неофицијални информации, во пожарот има 51 загинат. Жртвите се претежно млади луѓе, а причина за пожарот најверојатно е несоодветна употреба на пиротехнички средства.
Според информации од болниците во Кочани, Штип и Скопје, на лекување се примени над 150 лица. Голем број роднини и членови на семејства се пред болниците во повеќе градови во Македонија и бараат информации за своите најблиски.
Радио Кочани јавува дека пожарот се случил во дискотеката „Пулс“ за време на концерт на групата ДНК околу 3 часот утрово.
Според неофицијални информации и видеа објавени на социјалните мрежи, во дискотеката избувнал пожар за време на концерт на кој се наоѓале 1.500 луѓе. На едно видео, се слуша како луѓе преку микрофон ги повикуваат гостите во дискотеката да ја напуштат просторијата и се бара начин како да се изгасне пожарот. На други видеа се гледаат огромни пламени јазици кои ја зафаќаат дискотеката, како и акција на пожарникарите пред објектот кој е целосно изгорен.
Во Кочани утрово заминаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски. Според информации на ДВ, премиерот Мицкоски го одложил патувањето на самитот на Европската народна партија во Црна Гора и ќе побара одлагање на самитот ЕУ-Западен Балкан кој требаше да се одржи кон средината на неделата во Скопје.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување.
Според информации на ДВ, веќе се во тек апсења на одговорните за организацијата на настанот во дискотеката во Кочани.