Тошковски: Осомничени над 20 лица, одговорност ќе има!
16 март 2025МВР во координација со Јавното обвинителство во овој момент има осомничено повеќе од 20 лица, околу 15 лица се во полициска станица, дел од осомничените се починати, дел се во болница, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на попладневната прес-конференција.
За дел од приведените кои во полициска станица, рече дека се луѓе кои имаат директна вина согласно со собраните докази.
„Приведено е лице организатор на настанот, со сомневање за директна вина за настанот. Приведени се поранешен државен секретар и раководител на секотор во Министерство во економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени од Дирекцијата.
„Легална лиценца оваа фирма нема", рече министерот, наведувајќи дека две од лиценците што ги добила дискотеката во 2024 година, биле добиени на коруптивен начин.
„И оваа лиценца, како и многу други работи во минатото, се поврзани со мито и корупција. Имаат име и презиме тие кои се вклучени во нелегално издавање лиценци и ќе одговараат“, дециден беше Тошковски.
Посочи дека 4 лица за кои претходно беше најавена потерница, се најдени во болниците, а за трагичниот настан досега биле реализирани разговори со 25 очевидци.
Во дискотеката имало 500 лица
Од вкупната бројка на повредени, малолетни биле 20 лица и три од починатите.
„Македонија плаче, ама одговорност ќе има за секој од корумпираните, неодговорните и секој што има директно или посредно влијание“, рече Тошковски.
Министерот најави дека ќе следат и други дејства, бидејќи она што го соопштил се однесува на досегашните сознанија.
Во дискотеката имало 500 лица, а биле продадени околу 200 билети. Во критична состојба се 22 лица, кои ќе бидат пренесени во други земји. Oсум од најтешко повредените попладнево од скопскиот аеродром веќе се транспортираа во болницата „Пирогов" во Софија, и во болница во Варна, а тројца претходно беа транспортирани во Солун.
На седница на Владата (16 часот) се очекува да биде донесена одлука за прогласување 7- дневна жалост поради трагедијата во Кочани, но и заклучок за итна и вонредна инспекција на сите ноќни клубови, дискотеки и ресторани приредувачи на забави. По седницата, премиерот Христијан Мицкоски ќе одржи прес-конференцијa во 18 часот.
Помош и психолошка поддршка
Додека дел родители чекаат информации за состојбата на нивните деца пред здравствените установи во Скопје, од Министерството за образование и наука информира дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Партенија Зографски“ исто така во Гази Баба, како и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“ во Кисела Вода.
Помош понуди и ЈЗУ Психијатриска болница Скопје за сите кои чувствуваат потреба од психолошка поддршка по трагедијата, а помош за полесно надминување на овој тежок период понуди и Првата детска амбасада во светот Меѓаши, со отворени шест дополнителни телефони за психолошка прва помош за децата и нивните семејства.
Министерството за култура и туризам во знак на почит кон настраданите во трагедијата и нивните семејства информира дека сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на следната недела се откажуваат.